Што e берзански индекс?
Берзанскиот индекс претставува алатка за мерење на промените на цените на група хартии од вредност. Во берзанската “кошница“ влегуваат акциите на најквалитетните компании, коишто треба да бидат репрезентативен примерок и да дадат јасна слика за движењата на поширокиот пазар.
Македонски Берзански Индекс - МБИ10
Од 01.11.2001 година Македонската Берза АД Скопје започна со пресметување на Македонскиот Берзански Индекс (МБИ), кој беше составен од петте најликвидни акции на Македонската Берза: Алкалоид АД Скопје, Европа АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, Макпетрол АД Скопје и Топлификација АД Скопје. МБИ беше ценовен, непондериран индекс, кој, како прв берзански индекс во Република Македонија, ја изврши својата функција на воведување на агрегатен показател за квантифицирање на берзанските движења.
Со развојот на Македонската Берза се појави потребата од воведување на нов, пондериран индекс на Македонската Берза. Од тие причини, од 04.01.2005 година беше воведен новиот Македонски Берзански Индекс (МБИ10), со чија пондерација преку пазарната капитализација се овозможува пореално прикажување на движењата на цените на Македонската Берза.
Пресметувањето на МБИ10 се врши согласно Методологијата за пресметување на Македонски Берзански Индекс – МБИ10. МБИ10 се состои од најмногу 10 котирани акции на Официјалниот пазар на Македонската Берза, избрани од страна на Комисијата за берзански индекс, според критериумите наведени во Методологијата. Комисијата за берзански индекс, редовно (два пати годишно) и вонредно (во случај на вонредни околности) врши усогласување на структурата на МБИ10 со состојбата на пазарот.
Комисијата за берзански индекс, одлучи за почеток МБИ10 да биде составен од обичните акции на следните 10 котирани друштва: Алкалоид АД Скопје, ТТК Банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, Макпетрол АД Скопје, Македонски Телеком АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, Гранит АД Скопје, Македонијатурист АД Скопје, НЛБ банка АД Скопје и Реплек АД Скопје.