Пред некоја недела пишував за тоа како ги купив моите први акции на Македонска берза, и се навратив на постот и заклучив дека ја отворив вратата, но не ја затворив.
Иако една од стратегиите на инвестирање може да биде инвестирање во акции без продавање, со повремено добивање на дивиденда, сепак мислам дека такво инвестирање долгорочно може да донесе просечна добивка, што и не е лошо.
Основно правило во инвестирање т.е. тргување на Македонска берза (и на било која друга) е „купувај евтино – продавај скапо“. Звучи едноставно, но како некој да процени што е ефтино, а што скапо? За тоа во некој друг пост.
Продавање на акции
Знаеме дека акцијата е тип на (сопственичка) хартија од вредност, која претставува неделив и идеален дел од основната главнина на акционерското друштво или командитното друштво со акции.
Тоа значи дека со поседувањето на акцијата поседувате дел од друштвото. Поседувањето на определена акција може да ја имате стекнато на најразлични начини (основање, приватизирање, купување, наследство итн.).
Доколку поседувате определен вид на акција и се одлучите за продажба, може да ја продадете единствено по нејзината пазарна вредност, која се утврдува на секундарниот пазар (Македонската берза) врз основа на понудата и побарувачката за таа акција.
Мораме да напоменеме дека единствено место каде може да се купи и продаде акција е Македонската берза, додека Централниот депозитар за хартии од вредност е надлежен за водење евиденција на сите издадени емисии на акции од страна на акционерските друштва во Република Северна Македонија.
Продавање на акции од Македонска берза
За оние кои го имаат читано мојот претходен пост, може да видта дека некои од чекорите се повторуваат. Но без некои работи не се може :). Јас првите акции ги подадов на база на тргување. Ги продадов неколку недели по купување, со зголемена вредност.
После некое време продадов и акции кои ги купив со повисока вредност. Тие навистина ме болеа. Но еве ги чекорите на продажба:
Чекор 1: Најдете соодветен брокер (доколку немате)
Најдете брокер кој во ваше име ќе ги продаде акциите Можеби изгледа дека изборот за брокер е небитен и битна е провизијата која ќе ја добиете. Наоѓање на соодветен брокер ќе ви се исплати во момети кога ќе треба брзо да се реагира за некоја цена.
Чекор 2: Завршете ги правните работи
Кога ќе го најдете соодветниот брокер, со склучете Договор за посредување. Во договорот се наведени сите инструкции на кој начин ќе ги купувате и продавате акциите.
Чекор 3: Направете стратегија на продавање и држете се до неа
Имањето стратегија за продавање е битна работа. Видете го опсегот на купопродажба на акциите и одлучете се по која цена сакате да продадете. Не ситничарите за десетина денари во цена. Ако веќе има некој да купува не цена блиску до вашиот таргет, веднаш направете ја таа трансакција. И ден денес се каам за две три акции, кои за десетина денари по цена на акција не успеав да ги продадам. После тоа следуваше крах и акциите никогаш не го достигнаа тоа ниво.
Чекор 4: Продавање на акции на Македонска Берза
Како функционира вистинското продавање. Потпишувате налог за продавање на соодветните акции. Тоа го правите кај брокерот лично, по телефон или електронски со е-трејдинг систем. Кога ќе го дадете налогот, чекате некој со налог со таа цена да ви ги купи сите или дел од акциите. Оваа некогаш може да се заврши во секунда, но може да трае со денови, месеци и години… Тоа значи дека треба да ја ревидирате цената или пак вашата акција е неликвидна.
За секоја склучена трансакција со акции добивате Извештај од купопродажба на вашата е-пошта. Средствата, врз ваше барање ќе ви бидат исплатени на вашата сметка во временски рок од неколку дена.
Честитки, доколку вашата трансакција помина, вие успеавте да ги конвертирате хартии од вредност во пари и веќе знаете како да продадете акции од Македонска берза.
Главни заклучоци
Сега кога имате средства на својата сметка, сакате пак да ги инвестирате, но во некоја инвестиција каде можете во секој момент да ги повлечете средствата.
Јас инвестирам во фондови кои инвестираат во фондови и го добивам она што другите цело време го бараат: стабилен раст на портфолиото со голема ликвидност на средствата. Или во превод загарантирана добивка со можост да ги повлечете средствата во било кое време.
Следете не тука, и ќе ви откриеме како и вие да го правите тоа.