Skip to content

Отворените инвестициски фондови – прв избор на малите инвеститори

Каде да инвестирам

Во овој блог ќе пишувам за трите најголеми предности од инвестирањето во отворени инвестициски фондови:

  • диверзификација, 
  • погодност, 
  • и ниски трошоци. 

Светот на финансиите сѐ повеќе станува дел од нашето секојдневие. Пред две децении, за инвеститори во финансиски инструменти ги сметавме само оние кои професионално работат со нив. Денес, благодарение на широката понуда на лесно достапни финансиски инструменти, секој може да стане „инвеститор“. Прашањето е дали навистина сме инвеститори или сме само дел од стадото придвижувано од големите играчи, следејќи ги чекорите на институционалните инвеститори.

Во последните години, особено по Глобалната финансиска криза од 2007 до 2009 година, штедењето целосно се замени со еден старо-нов термин – инвестирање. Поради ниските каматни стапки, штедните депозити станаа целосно неатрактивни, и како подобра алтернатива за раст на средствата се наметна можноста заштедите да ги пренесеме, односно инвестираме, во некој од различните финансиски инструменти. Сето тоа повлекува прашања:

  • Кои финансиски инструменти да ги избереме? 
  • Колку се тие сигурни? 
  • Дали ќе имаме заработка на вложените средства? 
  • Дали средствата ќе ни бидат достапни? 

Ќе се обидам да дадам одговор на дел од овие прашања.

Диверзификација

Секоја наша постапка, па и инвестирањето, носи некаков ризик. За да се намали ризикот од инвестирање, потребна е диверзификација. Диверзификацијата претставува вложување во големо портфолио составено со комбинирање на различни инвестициски класи, наместо на поединечни акции, со што се намалува вкупниот ризик и се максимизира приносот при секое ниво на ризик. 

Погодност

Погодноста (convenience) претставува клучна придобивка затоа што е карактеристична само за инвестирањето во отворени инвестициски фондови. Таа се состои од добра информираност и стручност, услови без кои е тешко да се замисли лесно и успешно инвестирање.  

Информираност

Финансискиот свет е преполн со информации, а информацијата е таа што отсекогаш имала најголема вредност. При носење на своите инвестициски одлуки, портфолио менаџерите црпат информации од повеќе извори. Покрај финансиските извештаи на компаниите, секојдневно ги следат и вестите и новините во најпознатите светски списанија за економија и финансии, како што се The Economist, Bloomberg, Financial Times итн., чии месечни претплати се доста високи и неисплатливи за индивидуалните инвеститори.

Индивидуалните инвеститори најчесто немаат пристап до релевантни информациии и се потпираат на постапките на големите (институционалните) инвеститори. Но, што ако и малите инвеститори дојдат до бесконечна база на информации? Дали е тоа доволно да постигнат погодност во инвестирањето? Одговорот е „не“ затоа што сепак ќе им недостасува стручност за правилно да ги применат информациите до кои дошле. 

Стручност

Инвестициските фондови имаат стручен кадар од портфолио менаџери, кои секојдневно ги следат движењата на пазарите, на одделни позначајни компании и на големите светски берзи. Инвестициските фондови и останатите големи институционални инвеститори се тие што први ја забележуваат шансата за инвестирање во инструменти кои имаат потенцијал за раст или за продавање на инструменти за кои се очекува да паднат. Од друга страна пак, индивидуалните инвеститори ги следат чекорите на големите инвеститори, но секогаш со задоцнето темпо. Затоа, речиси е невозможно мал инвеститор да го победи пазарот и да оствари натпросечен принос (принос поголем од оној кој што инвеститорот реално го очекува). 

Со други зборови, индивидуалното инвестирање во поединечни акции се заснова на слаба информираност и немање доволно стручност и време да се донесе правилна одлука, и слободно можеме да кажеме дека не е погодно, т.е. не носи комфорт. 

Ниски трошоци

Ниските трошоци се исто толку битни колку и останатите две компоненти, бидејќи приносот, односно заработката која ја остваруваме, е директно поврзана со трошоците за купување и продавање на финансиските инструменти. Секојдневното тргување со акции повлекува и брокерски провизии кои за инвестициските фондови се доста помали поради помалиот обем на трансакции, додека пак, за малите инвеститори овие трошоци значително го намалуваат остварениот принос. 

Заклучок

Диверзификацијата, погодноста и ниските трошоци го прават инвестирањето во инвестициски фондови правилен избор за секој што се стреми кон раст на своите средства при прифатливо ниво на ризик. 

Добивај корисни информации, анализи и препораки директно во инбокс.