Критериуми кои треба да ги исполнуваат акциите во твоето портфолио

Суштинскиот фактор што треба да се земе предвид кога се инвестира во компанија е квалитетот на нејзината дејност. Квалитетот на дејноста е исто како љубовта во бракот. За еден брак да функционира без љубов треба многу коцки да се поклопат, што во пракса е речиси невозможно. Останатите фактори, како одлуките на менаџментот, финансиската моќ на компанијата и вреднувањето на акциите, се исто така важни но се второстепени. Без квалитетна дејност, воопшто не ги ни разгледувајте останатите фактори.

Пред да купите одредена акција, треба да го разберете деловниот модел и да проверите дали компанијата ги исполнува следните три критериуми:

  • Критериум 1. Дали компанијата расте? Компанијата треба континуирано да ги зголемува приходите и заработката (EPS), и тоа со над 10% од акција во секоја од изминатите десет години. Овој раст бил конзистентен дури и за време на рецесии.
  • Критериум 2. Дали компанијата креира вредност за своите акционери? Компанијата треба да има одличен бизнис кој нема потреба од нови големи инвестиции, има висок поврат на инвестицискиот капитал (ROC од најмалку 15% и ROE од најмалку 15%), а во просек користи само 30% од својот оперативен паричен тек за капитални расходи. 
  • Критериум 3. Дали компанијата има ценовна моќ? Компанијата била постојано профитабилна, со пристојни и стабилни профитни маржи во добри и лоши времиња, и тоа во секоја од последните десет години поединечно. Нејзината оперативна маржа се движела стабилно над прагот од 10% дури и за време на рецесијата. 

Топ 3 критериуми кои што одредена компанија треба да ги исполнува пред да ја купите нивната акција

Претходно во овој текст, накратко се запознавме со трите критериуми што одредена компанија треба да ги исполнува пред да инвестирате во нивната акција. Во следните секции ќе навлеземе во повеќе детали за секој од овие три критериуми за да се објасни зошто компаниите кои ги исполнуваат овие финансиски критериуми можат постојано да го инвестираат својот капитал со високи приноси на долги временски периоди, можат да ги зголемат своите цени без да им се намали продажбата и се отпорни како на конкуренцијата така и на економските циклуси.

Критериум 1: Кои финансиски показатели се важни при проценка на растот на компанијата?

Како инвеститори, се разбира, сакаме нашите инвестиции да растат. Затоа и компаниите во кои инвестираме треба да растат. Но, точно кој дел од компанијата треба да расте? 

Билансот на состојба ви го покажува растот на средствата и капиталот. Билансот на успех, пак, го покажува растот на приходите и нето добивката на компанијата. Но, постои и трета опција. 

Според мислењето на многу инвеститори и компании, најдобрата метрика за проценка на растот е слободниот паричен тек по акција.  За разлика од нето добивката, која е сметководствена метрика и остава простор за дискреција од страна на сметководителите и менаџерите, слободниот паричен тек го покажува точниот износ на пари што влегле и излегле од компанијата во текот на пресметковниот период.

Иако e можеби најважен поединечен показател, растот на слободниот паричен тек по акција сам по себе не е доволен за да се процени вредноста на компанијата. Утврдувањето на растот на слободниот паричен тек на компанијата е само првиот чекор во една квалитетна анализа.  

Вториот чекор е да откриеме дали тој раст е одржлив и во иднина. А за да го задржи и реинвестира профитот во раст, најбитно за компанијата е да има можности. Затоа е важно да се разберат трендовите што го продуцирале растот во минатото и да се постигне уверување дека тој ќе продолжи. 

Таквиот раст може да дојде преку зголемување на цените, креирање и продажба на нови производи или продажба на постоечки производи на нови пазари. Колку ќе е сигурен идниот раст на компанијата најдобро може да се види преку ефикасното распределување на капиталот од страна на менаџментот и способноста на компанијата да додаде вредност во својот синџир на снабдување и да се заштити од конкуренцијата.

Критериум 2: Како компаниите креираат вредност за своите акционери? 

Најдобриот показател за тоа колку добро работи една компанија, од перспектива на корпоративните финансии, е нејзиниот поврат на капиталот (ROC). ROC е мерка за приносот кој една компанија го генерира од капиталот што го инвестирала. Оваа мерка ни покажува колку е таа компанија ефективна во користењето на собраниот капитал.

Повратот на капиталот на компанијата мора да биде поголем од цената на капиталот. Ако компанијата може да позајми капитал со околу 2% и може да го инвестира со принос од 20%, тогаш со текот на времето компанијата создава вредност. Ако компанијата позајми капитал со 7% а може да генерира принос од само 3%, тогаш со текот на времето ја уништува својата вредност.

Секако дека високиот поврат на капиталот е одличен, но постојано високата вредност во текот на долг временски период е уште подобра. Многу може да се заклучи од компанија која е способна долго време да одржува висок поврат на капиталот. 

Освен што сигнализира дека компанијата е ефикасен распределувач на капитал и дека може ефективно да го користи капиталот што го собира, постојано високата вредност во текот на долг временски период сугерира и дека компанијата има предности во однос на нејзините конкуренти.

Ако ги анализираме бизнис моделите на овие компании, можеме да откриеме во што всушност се состои нивната додадена вредност. Имено, тие: 

  • честопати уживаат комбинација од нематеријални предности (силен бренд, интелектуална сопственост, итн.), 
  • имаат пониски трошоци (можат да го произведат она што го продаваат по пониска цена од нивните конкуренти), 
  • подолго ги задржуваат своите клиенти благодарение на т.н. трошоци за префрлање (нивните клиенти ќе имаат трошоци или сложени постапки за префрлување во случај да сакаат да се префрлат кај конкурентите), 
  • и ги користат поволностите од мрежните ефекти (нивниот производ се подобрува како што се зголемува бројот на луѓе кои го користат).

График 1: акциии oд компании кои во последните 10 години успеале да остварат просечен поврат на капиталот (ROC) од над 15%

Критериум 3: Кои компании имаат ценовна моќ?

Успехот на компаниите лежи на два клучни столба: односот со инвеститорите и врската во синџирот на снабдување. Благодарение на ефективниот однос на компаниите со своите инвеститори, компаниите имаат постојано висок принос на капиталот, а ефективната врска во нивниот синџир на снабдување придонесува за континуирано одржување на висока маргина.

Бруто профитната маргина се изразува како процент на бруто добивката во однос на приходот. Ако една компанија генерира 10 милијарди долари приход и 6 милијарди долари бруто-добивка, тогаш таа компанија има бруто профитна маргина од 60%. Ова значи дека компанијата креира производи, или услуги, за 4 долари и ги продава за 10 долари. Очигледно е подобро да креирате нешто за 4 долари и да го продадете за 10 долари отколку да креирате нешто за 8 долари и да го продадете за 10 долари.

Бидејќи бруто-добивката, исто како и нето-приходот, може лесно да се штелува од страна на сметководителите, за броител во пресметката на маргините се претпочита слободниот паричен тек. Маргината на слободниот паричен тек се пресметува така што слободниот паричен тек на компанијата се дели со нејзиниот приход и се изразува како процент. Тоа е мерка за износот на готовина генерирана од една компанија како дел од нејзиниот приход. Постојано високата маргина на слободниот паричен тек одржана во текот на долг временски период е најдобриот показател дека компанијата има ценовна моќ.

Табела 1: акциии oд компании кои во последните 10 години успеале да одржат многу висока просечна маргина на слободен паричен тек

На крајот, откако ќе пронајдете компанија која покажала одлични деловни перформанси во минатото, треба да ја земете предвид и природата на бизнисот, што всушност го претставува четвртиот а можеби и најбитен критериум кој треба да го исполни една компанија пред да се инвестира во неа. Која суштинска особина на бизнисот одиграла клучна улога за успехот на компанијата и дали тој ќе продолжи да работи исто како и досега? Впрочем, за оние кои купуваат акции сега, многу побитно е како компанијата ќе работи во иднината отколку како работела во минатото.

Заклучок 

Инвестицискиот универзум содржи илјадници котирани компании од кои инвеститорите можат да избираат. Скриен во инвестицискиот универзум постои и мал кластер на компании кои се тешки за наоѓање а споделуваат неколку ретко позитивни финансиски карактеристики.  Овие компании можат постојано да го инвестираат својот капитал со високи приноси на долги временски периоди, можат да ги зголемат своите цени без да им се намали продажбата и се отпорни како на конкуренцијата така и на економските циклуси.

Пред да купите одредена акција, треба да го разберете нејзиниот деловен модел и да проверите дали компанијата има високи вредности кај трите основни финансиски карактеристики: слободниот паричен тек по акција, повратот на капиталот (ROC) и маргината на слободниот паричен тек.

  • Според мислењето на многу инвеститори и компании, најдобрата метрика за проценка на растот е слободниот паричен тек по акција и дали тој раст е одржлив и во иднина. За да се открие тоа треба да се разберат трендовите што го продуцирале растот во минатото и да се постигне уверување дека тој ќе продолжи. 
  • Најдобриот показател за тоа колку добро работи една компанија, од перспектива на корпоративните финансии, е нејзиниот поврат на капиталот (ROC). Секако дека високиот поврат на капиталот е одличен, но постојано високата вредност во текот на долг временски период е уште подобра. Многу може да се заклучи од компанија која е способна долго време да одржува висок поврат на капиталот. 
  • Маргината на слободниот паричен тек се пресметува така што слободниот паричен тек на компанијата се дели со нејзиниот приход и се изразува како процент. Тоа е мерка за износот на готовина генерирана од една компанија како дел од нејзиниот приход. Постојано високата маргина на слободниот паричен тек одржана во текот на долг временски период е најдобриот показател дека компанијата има ценовна моќ.

И ова е само почеток. Самото селектирање на компаниите не е доволно. Откако инвеститорот ќе е длабоко уверен дека пронашол акција од квалитетна компанија која се тргува по атрактивна цена, тој ќе треба да одлучи како компанијата ќе се вклопи во неговото портфолио. 

Дали таа акција треба да биде неговата најголема позиција или ќе ја гради позицијата постепено со контниурано докупување на акцијата. Дали ќе е потребно да продаде акција од друга компанија за да ослободи готовина за новата позиција? И кој ќе е соодветниот момент за продажба на акцијата?   

Ако сакате да ги откриете критериумите според кои ги селектираме акциите во нашето инвестициско портфолио, засладете нѐ, контактирајте нѐ и приклучете се на Opfolio инвестицискиот клуб. Кај нас нема да наидете на агресивни реклами, лесни трикови и брзи начини за збогатување, туку само информирана, искрена и пријателска едукација.

Почнавме да инвестираме на 1 јануари 2022 година, а од тогаш заклучно до 16 јуни 2023 година, нашето инвестициско портфолио има остварено добивка од 71.116 евра  или 29,9%. За споредба, во истиов период, индексот S&P500 остварил принос од -8,1% а индексот Nasdaq од -12,5%

Каде грешат инвеститорите почетници кога ги вреднуваат акциите?

pocetnici investitori greshki

Ворен Бафет е најчесто цитиран со реченицата: „Цената е она што го плаќате, а вредноста е она што го добивате.“ Или, цената на акцијата е она што го плаќате, а приносот од растот на акцијата и исплатените периодични дивиденди се она што го добивате. 

Па така, кога се анализираат акции од поединечни компании, најчесто се зема предвид коефициентот цена/добивка. Ова е најлесниот начин за утврдување дали една акција е потценета или преценета, но дали е и најдобар?

Што покажува коефициентот цена/добивка (p/e) за цената на акцијата

Коефициентот цена/добивка (p/e) ни го покажува односот помеѓу моменталната цена на акцијата и добивката што компанијата ја остварила во претходната година. 

На пример, акцијата на Dropbox Inc (DBX) има коефициент од околу 11, што значи дека ако купиме акција од оваа компанија, таа би требало да оствари 11-годишни добивки на ниво од претходната година за да ни ја врати вредноста што сме ја платиле денес. 

Па така, акцијата на Microsoft, со коефициент цена/добивка од 31, се смета за скапа, додека акцијата на Ford, со коефициент 7, за евтина.

Можеби изгледа како претерано поедноставување, но многу инвеститори својата проценка за потценетоста на компаниите најчесто ја базираат на овој коефициент. Овој начин на инвестирање во компании со ниски показатели и чекање пазарот да ги ревреднува се чини одговорен и интелигентен, но тој има свои недостатоци.

Приносите на акциите од компаниите со низок коефициент цена/добивка се со висока волатилност и во континуитет се најчесто полоши во однос на пазарните индекси. Освен тоа, коефициентот цена/добивка сам по себе не е доволен за да се донесе заклучок за некоја компанија. 

На пример, врз основа на цените на крајот на 2022 година и проценките од страна на аналитичарите за заработка во 2023 година, Microsoft и American Water Works моментално се тргуваат со ист показател цена/добивка (p/e) од 31, но овие две компании имаат сосема различни изгледи за иднината. 

Тие работат во различни сектори (информациска технологија и комунални услуги), се со многу различен остварен поврат од капиталот (Microsoft има 31% наспроти 5% на American Water Works) и многу различни структури на капиталот (Microsoft има нето парични средства на сметка, додека American Water Works има висок износ на долг).

Што ако кофициентот цена/добивка (p/e) е висок?

Како противтежа на овој начин на вложување, се појавува еден нов бран на инвеститори кои сметаат дека селекцијата на акциите во нивните инвестициски портфолија не треба да се заснова единствено на вредноста на коефициентот цена/добивка.

Според нив и повисоки вредности на овој коефициент се оправдани ако компаниите имаат конкурентска предност изразена преку повисоки профитни маргини и ако создаваат долгорочна вредност за акционерите независно од економските циклуси, остварувајќи во континуитет повеќе парични средства на единица вложен капитал.

Поддржувачите на овој инвестициски процес не ги класифицираат акциите како евтини или скапи, туку ги вреднуваат како акции од високо или нискоквалитетни компании.

Да го погледнеме, на пример, показателот за ангажиран капитал (ROCE), кој се користи за мерење на профитабилноста на компаниите и ефикасноста со која тие го користат својот капитал. За Microsoft, овој показател изнесува 30% и е поголем за 87% во однос на просекот од 16% на компаниите кои се во структурата на индексот S&P500.

Па ако инвеститорот ја анализира акцијата преку коефициентот цена/добивка, ќе утврди дека треба да плати 40% повисока цена, но со подлабока анализа ќе сфати дека купува акција од компанија со дури 87% подобрa профитабилност  во однос на просекот. 

Според новиот бран на инвеститори, овој начин на инвестирање во висококвалитетни компании носи повисоки и попредвидиливи приноси за инвеститорите на долг рок.

Дали вреди да се инвестира во висококвалитетни компании по која било цена?

Проблемот со овој начин на инвестирање е што постои опасност погрешно да биде интерпретиран како произволно купување на која било акција по која било цена.

За да се избегне оваа стапица, при разгледување на акција со висок коефициент цена/добивка, на пример од над 30 или 40, инвеститорите треба да се силно убедени во нејзините изгледи за иднината.

Инвестирањето во високовреднувана акција мора да е оправдано од неколку супериорни фундаментални показатели: 

  • компанијата да има барем 70% бруто маргина, 
  • компанијата да има екстремно високи показатели за профитабилност од ангажираниот капитал и добра конверзија на готовината, 
  • компанијата да нема долг или да има повеќе од доволна покриеност на каматата, и
  • задолжително да има добра препознатливост на брендот или квалитет на франшизата и долгорочна предвидливост на добивките на компанијата.

Како да се вреднуваат висококвалитетните компании?

angazhiran kapital, rast na dobivka
*Претпоставката е дека трошокот на капиталот изнесува 8% во 15 годишен период 
Извор: Credit Suisse

Според моделот изработен од Credit Suisse, ако некоја компанија има показател за ангажиран капитал од 8% и подеднаков трошок за ангажиран капитал, се очекува таа компанија да се тргува на просечен кофициент цена/добивка (p/e) од 12.5 без разлика на растот на добивките (види табела горе). 

Ако компанијата успее да генерира повисок принос од ангажираниот капитал, тогаш растот на добивките додава дополнителна вредност. Па така, компанија која успеала да има ефикасност за користење на својот капитал од 24% се очекува да се тргува со кофициент цена/добивка (p/e) од 16.1 дури и при раст на добивките од само 4%. 

Ако истата компанијата оствари посилен раст на добивките од 10%, нејзиното вреднување би било оправдано и со коефициент цена/добивка (p/e) и од 25.7.

Од табелата може да се заклучи дека компаниите кои не успеваат да генерираат повисок принос за своите инвестиции од трошокот на капитал го уништуваат акционерскиот капитал, додека висококвалитетните компаниите со остварени високи показатели за ангажиран капитал се сензитивни на промените на растот на добивките. 

Заклучок

Не предлагам целосно да се игнорира показателот цена/добивка (p/e) или пак едноставно да се купи акција од која било компанија по која било цена. Тоа не е целта на овој текст. 

Целта е да се потенцира дека пред да се купи акција од некоја компанија треба да се анализира од повеќе перспективи. Ова не е едноставен процес и бара многу време, вештини, пристап до информации, претплати до квалитетни аналитички платформи и слично. 

Затоа, најдобар начин за повеќето индивидуални инвеститори да научат повеќе за инвестирањето е да нѐ заследат, да нѐ контактираат и да се приклучат на нашиот Инвестициски клуб. Со нас нема да наидете на агресивни реклами, лесни трикови и брзи начини за збогатување, туку само информирана, искрена и пријателска едукација.

Што е пасивен приход и кој е мојот избор на пасивен приход?

пасивен приход човек кој чека пари

Во последниве неколку години, луѓето сè повеќе бараат начин како да заработат пасивен приход. Воведувањето на концепти како „Работна недела од 4 часа“ го претвори пасивниот приход од сон во нешто што е ново, возбудливо и вреди да се проба. Деновиве има многу опции за избор, но за некои луѓе идејата да се потпираат на извори што не можат да ги контролираат е премногу ризична.

Вовед: Што е пасивен приход?

Пасивниот приход е термин кој се однесува на извори на приход кои не се изведени од времето поминато на работа. Наместо тоа, овие форми на приход се создаваат преку пари заработени од претходна работа (активност која понатаму генерира приход) или инвестиции. Уште поважно, оваа форма на приход не бара работа со полно работно време. Концептот на пасивен приход постои веќе некое време, но никогаш не бил попопуларен отколку во 2021 година. Некои луѓе можат да остварат пасивен приход со едноставно инвестирање во акции или инвестициски фондови. Другите можат да заработат пасивен приход преку блогирање, создавање видеа на YouTube што генерираат приходи од реклами, итн. И додека повеќето луѓе би сакале да мислат дека имаат барем една форма на пасивен приход, вистината е многу поразлична.

Пасивен приход: Светиот грал

Пасивниот приход е светиот грал за многу луѓе на земјата денес. Финансиските експерти велат дека еден од клучевите за вистинска финансиска слобода е да имате пасивни приходи. Пасивниот приход се генерира од инвестиции направени во акции, обврзници, недвижен имот, имоти за изнајмување, авторски права на патенти и други извори. Овие инвестиции обезбедуваат стабилен готовински тек без потреба од активно вклучување во име на инвеститорот или сопственикот на бизнисот. Пасивниот приход може да се користи за генерирање фондови за пензионирање кои нема да бидат предмет на пазарни промени.

Постојат многу видови на пасивни приходи, меѓутоа најкористени се следниве:

  • Изнајмување на недвижнини
  • Авторски права
  • Дивиденди од хартии од вредност
  • Раст на инвестициски фондови
  • Приходи од маркетинг за препораки
  • Приходи од апликации и слично

Зошто луѓето сакаат пасивен приход?

За многумина, пасивниот приход е светиот грал. Тоа е она што некои луѓе го бараат цел живот. Тие се толку обвиткани во идејата никогаш повеќе да не мора да работат што занемаруваат да се запрашаат како тоа да го направат. 

Иднината на пасивниот приход

Откако веќе акумулирале доволно средства, многу поединци работат кон иднина во која ќе можат да живеат од пасивни приходи, со малку или без никаква работа. Најголемата идеја зад ова е дека луѓето почнуваат да сфаќаат дека со акумулирање на пасивен приход, тие всушност се спасуваат од идните ризици. Многумина ќе речат дека иднината на пасивниот приход може да ја бараме во метаверзумот (metaverse), блокчеин технологијата, криптовалутите и сите нови технологии кои допрва ни доаѓаат. Јас лично иднината ја гледам во неколку аспекти на секојдневието, а тоа е додадената вредност преку диверзификација во зелената економија, малите бизниси и управувањето со финансии.

Заклучок: Кој е мојот свет грал

Пасивниот приход е светиот грал на финансиската независност бидејќи тоа значи дека вашите инвестиции создаваат прилив на приход што може да ги покрие вашите трошоци за живот. По 20 години можам да кажам дека го најдов мојот свет грал:

  • Гледам да заштедам најмалку 20% (во просек до сега заштедите се околу 35%).
  • Една третина од заштедата секогаш ја инвестирам во себе (и своите најблиски) во разни форми на едукации, обуки, патувања и надградувања. Тука повратот на инвестиција ми е најголем. Ќе речете дека тука нема пасивен приход, но ваквите инвестиции дават резултат на долг рок.
  • Втората третина за сопствени мали бизниси, претприемачки потфати, crowdfunding и business angel инвестиции. Оваа форма е најризична форма на инвестирање, и понекогаш од пасивен се претвара во активен приход. Ако добро се организирате може да креирате микро бизнис (книги, блогови, обуки и слино) кој на долг рок може да ви носи средства.
  • Последната третина на заштеди ја инвестирам во отворени инвестициски фондови. Ова е најдобрата форма на пасивен приход од три причини: 

1) Со вашите средства управуваат портфолио менаџери кои секако го победуваат индексот на берзата. 

2) Средствата имаат одличен поврат на инвестиција и секогаш може да го зголемувате својот влог. 

3) Средствата се ликвидни: може ви секое време да повлечете дел од нив за ваши потреби.

Како заклучок, јасно е дека пасивниот приход може да биде одличен начин за дополнување на вашиот редовен приход доколку сте во можност да генерирате доволно од него.

  • Ако можете да работите на создавање пасивен приход, тој ќе ви донесе дополнителна маргина на сигурност вас или на вашето семејство доколку се појави потреба.
  • Важно е да се напомене дека секој облик на пасивен приход што ќе го заработите ќе биде предмет на оданочување.

Разлика помеѓу штедење и заштеда (Кој е најдобриот начин на штедење)

штедење, заштеда, депозит

Понекогаш добивам прашања од типот „Каде да штедам?“. Одговорот за мене лично е доста едноставен, но за да стигнеме до него првин да објасниме што е заштеда и штедење.

Просто кажано, штедењето е активност која подразбира чување или одложување на материјални добра и пари, додека пак заштедата е појава која е постојано присутна и подразбира одложување на потрошувачката и нетрошење на приходите. 

Оваа разлика е честопати погрешно разбрана, па се случува дури и професионални економисти и инвестициски професионалци да го именуваат „штедењето“ како „заштеда“.

Штедењето нуди повеќе можности за намалување на трошоците и остварување на заработка, чија висина зависи од преземениот ризик. Методите на штедење вклучуваат оставање пари настрана, на депозитна или пензиска сметка, во инвестициски фонд или како готовина (ликвидни средства).  

Заштедата, пак, подразбира нетрошење на својот имот и таа не носи камата.

Личните финансии и заштеда

Штедењето во форма на депозит што плаќа камата обично се користи за да се чуваат пари за идни потреби, односно фонд за итни случаи. Овие средства може да се користи за да се направи капитална набавка (автомобил, куќа, опрема и апарати, итн.) 

Во рамките на личните финансии, парите што се користат за купување акции, се ставаат во инвестициски фонд или се користат за купување на какви било средство, доколку има елемент на ризик од капитал, се сметаат за инвестиција. 

Главната разлика меѓу инвестицијата и заштедата е инвестицискиот ризик кој може да предизвика загуба на капитал кога ќе се реализира инвестиција. Овој инвестициски ризик се пресликува и во повратот на инвестицијата која најчесто е поголема од каматната стапка.

Штедна сметка

Штедната сметка е депозитна сметка којашто може да се отвори во банките и штедилниците во Македонија. На штедните сметки се добива камата за вложените депозити. 

Вообичаено, тие се врзани за одреден временски рок и можат да бидат краткорочни или долгорочни. Минималниот депозит за штедна сметка, рочноста, како и висината на каматната стапка зависат од самата банка, односно се разликуваат од банка до банка, како и кај штедилниците.

Плаќањата многу почесто се вршат преку трансакциски отколку преку штедни сметки. 

Се смета дека штедните сметките имаат минимален ризик, иако истиот постои (депозитите во Р.С. Македонија се ограничени до 30.000 Евра).

Камата од штедење

Некои облици на штедење како што се депозитите, носат камата. А со текот на времето, каматата ја зголемува вредноста на штедењето. Каматната стапка најчесто зависи од општото ниво на каматни стапки на хартии од вредности и пазарот на капитал.

Големината на штедењето зависи од неколку фактори.

  • Заштеда низ времето 

Ако штедењето е распоредено низ определен временски период, колку подолго штедите, толку заштедата е поголема

  • Висина на каматната стапка 

Ако каматната стапка е повисока, тогаш штедењето е поисплатливо .

  • Апсолутен износ на доходот 

Според една теорија, луѓето со повисок доход штедат поголем процент од доходот во споредба со луѓето со понизок доход.

Постепеното штедење

Постепеното штедење ви овоможува да заштедите средства на долг рок, и тоа преку редовни месечни уплати. 

Можете:

  • секој месец да депонирате средства на вашата штедна сметка, во банка или во штедилница или во инвестициски фонд
  • преку електронско банкарство секој месец да префрлате пари од вашата трансакциска сметка на вашата штедна сметка или сметката на инвестицискиот фонд

Кога бирате долгорочно штедење, треба да се определите за два важни аспекти: колку, и како.

Колку да штедите?

Определете месечен процент од своите примања кои сакате да ги заштедите. Многу извори препорачуваат да заштедувате 20% од вашиот приход секој месец. 

Според популарното правило 50/30/20, треба да резервирате 50% од вашиот буџет за најважни работи како кирија и храна, 30% за дискретно трошење и најмалку 20% за заштеда.

Како да штедите?

За да штедите, најдобро е да стекнете навика за штедење. А добрата навика тешко се стекнува. 

Затоа наједноставно е да направите траен налог, со кој определна сума автоматски ќе се префрла на вашата штедна сметка или фонд, и тоа секој месец на точно одреден датум. Средствата што не ги гледате на сметка нема да ги планирате за трошење и воопшто нема да сте свесни дека штедите.  

Заклучок

Да се навратиме на главното прашање: „Каде да штедам“. Ако ги земеме сите околности, најдобро штедење е во отворени инвестициски фондови. А зошто? 
Затоа што инвестициските фондови се единствено место каде имате висока ликвидност (може да ги имате вашите средства на вашата сметка во рок од еден ден) и понизок ризик поради диверзификацијата на инвестицијата на фондовите (не инвестирате во една или неколку акции).

Депозити: Се што треба да знаете за нив

депозити, заштеда, каматни стапки

Сакајќи да смислам примамлив наслов кој ќе ја опфати темата депозити, се потрудив на интеренет да најдам некоја интересна информација за нив, но откатко не најдов ништо инспиративно, кренав раце. 

Оттаму и едноставниот наслов за овој блог. За почеток, решив да ги објаснам депозитите користејќи некоја дефиниција, па се упатив до нашиот инвестициски речник, но само за да заклучам дека зборот „депозити“ воопшто и не сме го имале како поим. 

А зошто? Ќе заклучите и сами откако ќе го прочитате текстов.

Што е депозит?

Депозитот е финансиски инструмент преку кој вложуваме пари во банките. Тој претставува основен производ на комерцијалните банки и е нивен најголем извор на парични средства со кој ги финансираат своите кредити. Со други зборови, без депозити, банките не би можеле да опстојат.

Лично искуство со депозити

На почетокот од 2011 година, депозитите, и денарските и девизните, нудеа одлични услови. Тогаш имав одредена сума на средства кои во тој момент не ми требаа, па решив да ги орочам на три години. 

Пресметката изгледаше многу добро. За тој период, требаше да заработам околу 20% од орочената сума. Не е лошо, нели? Една година подоцна, заинтригиран од реклама за детско штедење, ги орочив и парите од детските книшки на моите деца, и тоа на на пет години, со вкупна камата од околу 20%. 

Како што паѓаа каматите, ветените 20% се намалија на 10%, а тие од детското штедење и на уште помалку. Првиот депозит го повлеков штом достаса. Детските депозити ги повлеков уште кога беа на пола од орочениот рок. Во вториов случај, ми исплатија камата по видување. 

Од ова искуство сфатив дека повеќе ни би инвестирал во депозити.

Движење на каматните стапки на депозити во последните 16 години

Графикот подолу е преземен од Статистичкиот портал на веб страната на Народна Банка на Република Северна Македонија, а ги прикажува пондерираните каматни стапки за последните 16 години. 

каматни стапки, депозити, македонија
Извор: Народна Банка на Република Северна Македонија

Од сликата може да се заклучи дека каматните стапки се во постојан пад и дека доколку трендот продолжи, во еден момент воопшто нема да можат да ја покријат ниту инфлацијата. 

И покрај ова, а веројатно благодарение на нивната стерилност, депозитите остануваат најпопуларен инструмент за инвестирање на парични средства. 

Според податоци од јануари 2021 година, банките и штедилниците располагаат со депозити од над 432,000,000,000 денари. Да, добро читате. 432 милијарди денари од приватни џебови „седат“ во банките и штедилниците. 

Или поточно, им „седат“ на штедачите, а банките тие средства ги распределуваат во форма на кредити и ги оплодуваат. Не е тешко да се погоди каде останува разликата во камати.

депозити, недржавен сектор, банки, штедилници
Извор: Народна Банка на Република Северна Македонија

Скорешни случувања поврзани со депозити

Веројатно имате прочитано барем еден натпис за случувањата во Еуростандард Банка АД Скопје, каде настрадаа 0,6% од физичките лица и непрецизиран дел од правните лица. 

Овој случај е доказ дека депозитите не се најсигурна инвестиција, посебно ако имате повеќе од 30.000 евра, а тоа јасно може да се заклучи и од следново обраќање на НБРСМ: „Депонентите-физички лица коишто имаат депозити во Еуростандард банка АД Скопје повисоки од 30.000 евра, во рамки на обесштетувањето од страна на ФОД ќе им бидат исплатени средства до 30.000 евра во денарска противвредност, по лице“.

Освен што не се секогаш најсигурна опција, депозитите не се ни од далеку исплатливи како другите начини на штедење. Каматните стапки константно се намалуваат во нашата држава, а до кога ќе паѓаат, никој не знае. Интересно е тоа што депозитните камати можат да биде и негативни. 

Во тој случај, би морале дури и да ѝ плаќате на банката да ви ги чува парите. Пред неколку години, Европската Централна Банка (ЕЦБ) се подготви за негативни каматни стапки на заштеди и депозити, а неодамна и Банката на Англија ги обврза банките и штедилниците во рок од шест месеци да се подготват за можноста од негативни камати.

Во иднина може да очекуваме негативни каматни стапки 💡

Банката на Англија нагласи дека барањето не значи намалување на трошоците за позајмување под нулата, туку дека на централната банка и требаат негативни стапки за да бидат достапни како опција во случај на пад на економијата.

Не би се изненадил ако во блиска иднина слична одлука донесе и НБРСМ.

Заклучок

Да резимираме:

  • Депозитите не се ништо повеќе од едноставно депонирање на средства во банка.
  • Во последниве десетина години, каматата на денарските и девизните депозити драстично паѓа.
  • Кај нас, осигурeни се само депозитите до 30.000 евра.
  • Депозитните камати можат да бидат и негативни.

За разлика од банките, ние не дозволуваме вашите пари да седат на трансакциска сметка, туку со помош на технологија пробуваме да ги оплодиме, без никаков напор од ваша страна.

Два модели на инвестирање: Инвeстициски класи или селекција на поединечни акции

modeli na investiranje, investiciski klasi

Најчесто за добар инвеститор се смета оној кој умее да препознае која компанија има добра иднина, а која ќе стагнира или пропадне. 

Ова е несомнено важна вештина, која им помогнала на многу инвеститори многукратно да си го зголемат своето богатство, но во овој текст сакам да ви покажам два модели на инвестирање. Текстот дава одговор зошто е некогаш многу поважно да се потпрете на добра стратегија за комбинирање на различни инвестициски класи.

1. Купување на акции од различни инвестициски класи

Оваа стратегија е всушност план за тоа како да ги распределите вашите средства на различни инвестициски класи и региони. Со добра комбинација на вашите средства, не мора да сте махер на берза за лесно да го зачувате па и зголемите своето богатство. 

За почеток, да објасниме зошто прекумерната изложеност кон одредени индивидуални акции може дури и да му наштети на вашето инвестициско портфолио. 

2. Купување на акции од индивидуална компанија

Кога купувате акција од индивидуална компанија, преземате низа ризици кои се специфични само за неа, и не се однесуваат на секторот или на пазарот како целина.

Овие ризици можат да бидат секакви: сметководствени скандали како случајот „Вајркард“ (Wirecard), до оперативни несреќи, каква што доживеаа Бритиш петролеум со излевањето нафта во Мексиканскиот Залив, до регулаторни проблеми, каков што беше скандалот со издувни гасови кој во 2015 година прекуноќ ја намали вредноста на (германскиот производител на автомобили) Фолксваген за една третина. 

Постојат и други ризици. Па така, може да се случи долгоочекуван лек на некоја компанија од здравствениот сектор да се покаже неуспешен, или да испадне дека некој нов нафтен бунар не е ништо друго освен обична дупка. 

Згора на тоа, последниве неколку години бележат зголемена регулаторна и јавна нетолеранција спрема лоши кооперативни практики. За само пет години, од 2016 до 2021 година, вкупниот број на казни изречени против компаниите во САД се зголеми за три пати. Се покажа дека оваа појава доведува до трајно уништување на вредноста на компаниите.

Најпоразително е тоа што за сиов преземен ризик овие инвеститори не добиваат соодветна компензација т.е. предност во однос на инвеститорите со диверзифицирано портфолио на акции. Ова може и да се докаже.

На пример, големите швајцарски компании вообичаено се сметаат за прилично стабилни. Но само една од првите 20-те најголеми по големина компании во Швајцарија има помала волатилност од индексот на акциите од пазарите во развој. Овие индекси вообичаено се сметаат за поризична опција. 

Во меѓувреме, ниту една акција во S&P 500 нема помала нестабилност од индексот како целина.

Споредба на двата модели на инвестирање

Да ги споредиме недостатоците на иневстицискиот пристап кој подразбира едноставно избирање на одредени акции со придобивките од пристапот кој подразбира распределба на средствата. 

  1. Добро дизајнирано портфолио содржи разновиден спектар на средства, акции и обврзници, што во повеќето случаи овозможува падот во една инвестициска класа да се компензира со добивка во друга.
  1. Инвестициската стратегија треба да вклучува и географска диверзификација. Сепак, повеќето инвеститори се пристрасни кон акциите од домашните компании, и вложувајќи ислучиво или претежно во нив, ги изложуваат своите средства на преголем ризик од ненадеен пад на домашниот пазар. Токму тоа се случи неодамна во Словенија, Бугарија и Русија.   

Како да инвестирате

Поставувањето на процент од вашите вкупни средства што сакате да го инвестирате во акции или други средства може да ве заштити од тенденцијата што ја имаат повеќето инвеститори, а тоа е да купуваат на врвот (кога цените се високи) и да продаваат на дното.

Заклучок

Кога купувате акции од една компанија, преземате низа ризици кои се специфични само за неа, и не се однесуваат на секторот или на пазарот како целина.

Со тоа се изложувате на поголем ризик, а не добивате соодветна компензација т.е. предност во однос на инвеститорите со диверзифицирано портфолио на акции.

Затоа, препорачувам широка диверзификација на вашето инвестициско портфолио чии акции се рамномерно изложени низ целиот пазар, вклучувајќи добра комбинација на мали, средни и големи компании, како и прилично рамномерна распределба помеѓу потценети акции и акции со силен раст. 

Следете нѐ и дознајте повеќе за одличниот потенцијал на поврат на вашите средства.

Како ги продадов првите акции на Македонска берза?

продажба на акции

Пред некоја недела пишував за тоа како ги купив моите први акции на Македонска берза, и се навратив на постот и заклучив дека ја отворив вратата, но не ја затворив. 

Иако една од стратегиите на инвестирање може да биде инвестирање во акции без продавање, со повремено добивање на дивиденда, сепак мислам дека такво инвестирање долгорочно може да донесе просечна добивка, што и не е лошо.

Основно правило во инвестирање т.е. тргување на Македонска берза (и на било која друга) е „купувај евтино – продавај скапо“. Звучи едноставно, но како некој да процени што е ефтино, а што скапо? За тоа во некој друг пост. 

Продавање на акции

Знаеме дека акцијата е тип на (сопственичка) хартија од вредност, која претставува неделив и идеален дел од основната главнина на акционерското друштво или командитното друштво со акции. 

Тоа значи дека со поседувањето на акцијата поседувате дел од друштвото. Поседувањето на определена акција може да ја имате стекнато на најразлични начини (основање, приватизирање, купување, наследство итн.). 

Доколку поседувате определен вид на акција и се одлучите за продажба, може да ја продадете единствено по нејзината пазарна вредност, која се утврдува на секундарниот пазар (Македонската берза) врз основа на понудата и побарувачката за таа акција. 

Мораме да напоменеме дека единствено место каде може да се купи и продаде акција е Македонската берза, додека Централниот депозитар за хартии од вредност е надлежен за водење евиденција на сите издадени емисии на акции од страна на акционерските друштва во Република Северна Македонија.

Продавање на акции од Македонска берза

За оние кои го имаат читано мојот претходен пост, може да видта дека некои од чекорите се повторуваат. Но без некои работи не се може :). Јас првите акции ги подадов на база на тргување. Ги продадов неколку недели по купување, со зголемена вредност. 

После некое време продадов и акции кои ги купив со повисока вредност. Тие навистина ме болеа. Но еве ги чекорите на продажба:

Чекор 1: Најдете соодветен брокер (доколку немате)

Најдете брокер кој во ваше име ќе ги продаде акциите Можеби изгледа дека изборот за брокер е небитен и битна е провизијата која ќе ја добиете. Наоѓање на соодветен брокер ќе ви се исплати во момети кога ќе треба брзо да се реагира за некоја цена. 

Чекор 2: Завршете ги правните работи

Кога ќе го најдете соодветниот брокер, со склучете Договор за посредување. Во договорот се наведени сите инструкции на кој начин ќе ги купувате и продавате акциите.

Чекор 3: Направете стратегија на продавање и држете се до неа

Имањето стратегија за продавање е битна работа. Видете го опсегот на купопродажба на акциите и одлучете се по која цена сакате да продадете. Не ситничарите за десетина денари во цена. Ако веќе има некој да купува не цена блиску до вашиот таргет, веднаш направете ја таа трансакција. И ден денес се каам за две три акции, кои за десетина денари по цена на акција не успеав да ги продадам. После тоа следуваше крах и акциите никогаш не го достигнаа тоа ниво.

Чекор 4: Продавање на акции на Македонска Берза

Како функционира вистинското продавање. Потпишувате налог за продавање на соодветните акции. Тоа го правите кај брокерот лично, по телефон или електронски со е-трејдинг систем. Кога ќе го дадете налогот, чекате некој со налог со таа цена да ви ги купи сите или дел од акциите. Оваа некогаш може да се заврши во секунда, но може да трае со денови, месеци и години… Тоа значи дека треба да ја ревидирате цената или пак вашата акција е неликвидна.

За секоја склучена трансакција со акции добивате Извештај од купопродажба на вашата е-пошта.  Средствата, врз ваше барање ќе ви бидат исплатени на вашата сметка во временски рок од неколку дена.

Честитки, доколку вашата трансакција помина, вие успеавте да ги конвертирате хартии од вредност во пари и веќе знаете како да продадете акции од Македонска берза.

Главни заклучоци

Сега кога имате средства на својата сметка, сакате пак да ги инвестирате, но во некоја инвестиција каде можете во секој момент да ги повлечете средствата. 

Јас инвестирам во фондови кои инвестираат во фондови и го добивам она што другите цело време го бараат: стабилен раст на портфолиото со голема ликвидност на средствата. Или во превод загарантирана добивка со можост да ги повлечете средствата во било кое време. 

Следете не тука, и ќе ви откриеме како и вие да го правите тоа.

Како ги купив своите први акции на Македонска берза?

купување акции, македонска берза, инвестирање

Тргување на берза како начин на инвестирање е многу интересен процес, во кој секој инвеститор би требало да научи многу аспекти од финансиското работење на секоја компанија во која инвестира. 

Бев инспириран од прашањето: „Како да купам акции на Македонска берза?“ и веднаш ми текна на тоа како јас ги купив моите први акции на Македонска берза. 

Уште се сеќавам на моментот кога својата заштеда ја префрлив на сметката со цел да ја направам првата трансакција. Но да почнеме од почеток.

Што се акции?

Акцијата е дефинирана како тип на (сопственичка) хартија од вредност, која претставува неделив и идеален дел од основната главнина на акционерското друштво или командитното друштво со акции. Тоа значи дека со поседувањето на акцијата поседувате дел од друштвото.

Ако одиме понатаму може да кажеме дека акцијата ја карактеризираат неколку различни вредности: 

  • номинална 
  • книговодствена
  • пазарна вредност

Номиналната вредност на акцијата најчесто се дефинира при основањето на акционерското друштво, со што основниот акционерски капитал се дели на одреден број на акции, каде секоја акција има номинална вредност. 

Збирот на тие вредности го сочинува основниот капитал на друштвото. Според законската регулатива, номиналниот износ на една акција не може да биде помал од едно евро.

Следна вредност на акциите е книговодствената вредност на акциите, која се пресметува од билансната состојба на акционерското друштво, како однос меѓу вкупниот капитал и бројот на издадени акции.

Третата вредност на акциите е нејзината пазарна вредност, која се утврдува на секундарниот пазар (Македонската берза) врз основа на понудата и побарувачката за одделната акција. 

Мораме да напоменеме дека единствено место каде може да се купи и продаде акција е Македонската берза, додека Централниот депозитар за хартии од вредност е надлежен за водење евиденција на сите издадени емисии на акции од страна на акционерските друштва во Република Северна Македонија.

Купување на акции од Македонска берза

Јас бев во тој бранот 2007/2008, каде многумина ја бараа својата среќа во берзата. Првиот пат кога изразив желба за купување на акции, ме упатија кај една брокерска куќа која малку ми изгледаше чудно, многу постари луѓе чекаа на ред за продажба на некои акции од некој комбинат. За среќа во тоа време постоеше интернет, па најдов друга брокерска куќа која беше/е дел од една банка и ми изгледаше посигурно.

Чекор 1: Најдете соодветен брокер

Можеби изгледа дека изборот за брокер е небитен и битна е провизијата која ќе ја добиете. Мојот прв избор на брокер беше толку погрешен што брокерката во најмала рака немаше појма што прави. Лесно беше тогаш секоја акција одеше нагоре и не можеше да згрешиш, додека не заврши бранот на кој се возиш.

Наоѓање на соодветен брокер ќе ви се исплати на долги стази. Затоа мојот втор избор го правев преку препорака и не се каам. И ден денеска тргувам преку истиот брокер, бидејќи дури и во најкритични моменти имаше навремена реакција.

Чекор 2: Завршете ги правните работи

Кога веќе сте го нашле соодветниот брокер, со него склучувате Договор за посредување. Во договорот се наведени сите инструкции на кој начин ќе ги купувате акциите. По потпишаниот договор вршите уплата на средства на клиентската сметка на брокерот. Моја препорака е да ги завршите правните работи со цел да сте обезбедени.

Првиот пат ми се чини дека потпишав милион документи и налози. Сега е поедноставена процедурата бидејќи има стандард договори. Бидејќи сакавме да купиме и акции на име на сопругата, тоа веќе ги искомплицира работите, но и тоа го завршивме.

Чекор 3: Резервирајте средства за инвестирање 

Битно е да потенцираме дека однапред се врши уплата на потребните средства за купување на хартиите од вредност вклучително со провизиите на клиентската сметка на брокерот. Откако ќе ја определите сумата со која сакате да инвестирате (зголемена за провизиите), префрлете ја истата на клиентската сметка на брокерот. Штом го направите тоа, ќе може да тргувате. 

Чекор 4: Направете стратегија на купување и држете се до неа

Колку и да е очигледно, сепак имањето стратегија за купување е битна работа. Многу ја немаат и лутаат. Јас бев таков првиот пат. Во таа хистерија се купуваше и слепо и сакато. 

Сепак 2008 ми направи таков пресврт, што денеска стратегиите на инвестирање ми се добро обмислени.

И како функционира вистинското купување. Потпишувате налог за купување на соодветните хартии од вредност. Тоа го правите кај брокерот лично, по телефон или со новиот е-трејдинг систем. За секоја склучена трансакција со акции добивате Извештај од купопродажба на вашата е-пошта. 

Честитки, доколку вашата трансакција помина, вие сте горд сопственик на акции и веќе знаете како да купите акции од Македонска берза.

Следни чекори

Последниве 13-тина години купував (тргував) акции на Македонска берза, и тоа многу ми одземаше време. Понатаму почнав да инвестирам во капитално потценети акции и успеав за брзо време да го триплирам портфолиото. Но, и тоа не одеше глатко, бидејќи некогаш акциите се неликвидни па сте „заробени“ во времето, но и некогаш бара ваш ангажман, кој вие не го предвидувате. 

Денеска инвестирам во фондови кои инвестираат во фондови (бидете така 🙂 ) и го добивам она што другите цело време го бараат: стабилен раст на портфолиото со голема ликвидност на средствата. Или во превод загарантирана добивка со можост да ги повлечете средствата во било кое време. 

Следете не тука, и ќе ви откриеме како и вие да го правите тоа.