Skip to content

Депозити: Се што треба да знаете за нив

депозити, заштеда, каматни стапки

Сакајќи да смислам примамлив наслов кој ќе ја опфати темата депозити, се потрудив на интеренет да најдам некоја интересна информација за нив, но откатко не најдов ништо инспиративно, кренав раце. 

Оттаму и едноставниот наслов за овој блог. За почеток, решив да ги објаснам депозитите користејќи некоја дефиниција, па се упатив до нашиот инвестициски речник, но само за да заклучам дека зборот „депозити“ воопшто и не сме го имале како поим. 

А зошто? Ќе заклучите и сами откако ќе го прочитате текстов.

Што е депозит?

Депозитот е финансиски инструмент преку кој вложуваме пари во банките. Тој претставува основен производ на комерцијалните банки и е нивен најголем извор на парични средства со кој ги финансираат своите кредити. Со други зборови, без депозити, банките не би можеле да опстојат.

Лично искуство со депозити

На почетокот од 2011 година, депозитите, и денарските и девизните, нудеа одлични услови. Тогаш имав одредена сума на средства кои во тој момент не ми требаа, па решив да ги орочам на три години. 

Пресметката изгледаше многу добро. За тој период, требаше да заработам околу 20% од орочената сума. Не е лошо, нели? Една година подоцна, заинтригиран од реклама за детско штедење, ги орочив и парите од детските книшки на моите деца, и тоа на на пет години, со вкупна камата од околу 20%. 

Како што паѓаа каматите, ветените 20% се намалија на 10%, а тие од детското штедење и на уште помалку. Првиот депозит го повлеков штом достаса. Детските депозити ги повлеков уште кога беа на пола од орочениот рок. Во вториов случај, ми исплатија камата по видување. 

Од ова искуство сфатив дека повеќе ни би инвестирал во депозити.

Движење на каматните стапки на депозити во последните 16 години

Графикот подолу е преземен од Статистичкиот портал на веб страната на Народна Банка на Република Северна Македонија, а ги прикажува пондерираните каматни стапки за последните 16 години. 

каматни стапки, депозити, македонија
Извор: Народна Банка на Република Северна Македонија

Од сликата може да се заклучи дека каматните стапки се во постојан пад и дека доколку трендот продолжи, во еден момент воопшто нема да можат да ја покријат ниту инфлацијата. 

И покрај ова, а веројатно благодарение на нивната стерилност, депозитите остануваат најпопуларен инструмент за инвестирање на парични средства. 

Според податоци од јануари 2021 година, банките и штедилниците располагаат со депозити од над 432,000,000,000 денари. Да, добро читате. 432 милијарди денари од приватни џебови „седат“ во банките и штедилниците. 

Или поточно, им „седат“ на штедачите, а банките тие средства ги распределуваат во форма на кредити и ги оплодуваат. Не е тешко да се погоди каде останува разликата во камати.

депозити, недржавен сектор, банки, штедилници
Извор: Народна Банка на Република Северна Македонија

Скорешни случувања поврзани со депозити

Веројатно имате прочитано барем еден натпис за случувањата во Еуростандард Банка АД Скопје, каде настрадаа 0,6% од физичките лица и непрецизиран дел од правните лица. 

Овој случај е доказ дека депозитите не се најсигурна инвестиција, посебно ако имате повеќе од 30.000 евра, а тоа јасно може да се заклучи и од следново обраќање на НБРСМ: „Депонентите-физички лица коишто имаат депозити во Еуростандард банка АД Скопје повисоки од 30.000 евра, во рамки на обесштетувањето од страна на ФОД ќе им бидат исплатени средства до 30.000 евра во денарска противвредност, по лице“.

Освен што не се секогаш најсигурна опција, депозитите не се ни од далеку исплатливи како другите начини на штедење. Каматните стапки константно се намалуваат во нашата држава, а до кога ќе паѓаат, никој не знае. Интересно е тоа што депозитните камати можат да биде и негативни. 

Во тој случај, би морале дури и да ѝ плаќате на банката да ви ги чува парите. Пред неколку години, Европската Централна Банка (ЕЦБ) се подготви за негативни каматни стапки на заштеди и депозити, а неодамна и Банката на Англија ги обврза банките и штедилниците во рок од шест месеци да се подготват за можноста од негативни камати.

Во иднина може да очекуваме негативни каматни стапки 💡

Банката на Англија нагласи дека барањето не значи намалување на трошоците за позајмување под нулата, туку дека на централната банка и требаат негативни стапки за да бидат достапни како опција во случај на пад на економијата.

Не би се изненадил ако во блиска иднина слична одлука донесе и НБРСМ.

Заклучок

Да резимираме:

  • Депозитите не се ништо повеќе од едноставно депонирање на средства во банка.
  • Во последниве десетина години, каматата на денарските и девизните депозити драстично паѓа.
  • Кај нас, осигурeни се само депозитите до 30.000 евра.
  • Депозитните камати можат да бидат и негативни.

За разлика од банките, ние не дозволуваме вашите пари да седат на трансакциска сметка, туку со помош на технологија пробуваме да ги оплодиме, без никаков напор од ваша страна.

Добивај корисни информации, анализи и препораки директно во инбокс.