Тргување на берза како начин на инвестирање е многу интересен процес, во кој секој инвеститор би требало да научи многу аспекти од финансиското работење на секоја компанија во која инвестира.
Бев инспириран од прашањето: „Како да купам акции на Македонска берза?“ и веднаш ми текна на тоа како јас ги купив моите први акции на Македонска берза.
Уште се сеќавам на моментот кога својата заштеда ја префрлив на сметката со цел да ја направам првата трансакција. Но да почнеме од почеток.
Што се акции?
Акцијата е дефинирана како тип на (сопственичка) хартија од вредност, која претставува неделив и идеален дел од основната главнина на акционерското друштво или командитното друштво со акции. Тоа значи дека со поседувањето на акцијата поседувате дел од друштвото.
Ако одиме понатаму може да кажеме дека акцијата ја карактеризираат неколку различни вредности:
- номинална
- книговодствена
- пазарна вредност
Номиналната вредност на акцијата најчесто се дефинира при основањето на акционерското друштво, со што основниот акционерски капитал се дели на одреден број на акции, каде секоја акција има номинална вредност.
Збирот на тие вредности го сочинува основниот капитал на друштвото. Според законската регулатива, номиналниот износ на една акција не може да биде помал од едно евро.
Следна вредност на акциите е книговодствената вредност на акциите, која се пресметува од билансната состојба на акционерското друштво, како однос меѓу вкупниот капитал и бројот на издадени акции.
Третата вредност на акциите е нејзината пазарна вредност, која се утврдува на секундарниот пазар (Македонската берза) врз основа на понудата и побарувачката за одделната акција.
Мораме да напоменеме дека единствено место каде може да се купи и продаде акција е Македонската берза, додека Централниот депозитар за хартии од вредност е надлежен за водење евиденција на сите издадени емисии на акции од страна на акционерските друштва во Република Северна Македонија.
Купување на акции од Македонска берза
Јас бев во тој бранот 2007/2008, каде многумина ја бараа својата среќа во берзата. Првиот пат кога изразив желба за купување на акции, ме упатија кај една брокерска куќа која малку ми изгледаше чудно, многу постари луѓе чекаа на ред за продажба на некои акции од некој комбинат. За среќа во тоа време постоеше интернет, па најдов друга брокерска куќа која беше/е дел од една банка и ми изгледаше посигурно.
Чекор 1: Најдете соодветен брокер
Можеби изгледа дека изборот за брокер е небитен и битна е провизијата која ќе ја добиете. Мојот прв избор на брокер беше толку погрешен што брокерката во најмала рака немаше појма што прави. Лесно беше тогаш секоја акција одеше нагоре и не можеше да згрешиш, додека не заврши бранот на кој се возиш.
Наоѓање на соодветен брокер ќе ви се исплати на долги стази. Затоа мојот втор избор го правев преку препорака и не се каам. И ден денеска тргувам преку истиот брокер, бидејќи дури и во најкритични моменти имаше навремена реакција.
Чекор 2: Завршете ги правните работи
Кога веќе сте го нашле соодветниот брокер, со него склучувате Договор за посредување. Во договорот се наведени сите инструкции на кој начин ќе ги купувате акциите. По потпишаниот договор вршите уплата на средства на клиентската сметка на брокерот. Моја препорака е да ги завршите правните работи со цел да сте обезбедени.
Првиот пат ми се чини дека потпишав милион документи и налози. Сега е поедноставена процедурата бидејќи има стандард договори. Бидејќи сакавме да купиме и акции на име на сопругата, тоа веќе ги искомплицира работите, но и тоа го завршивме.
Чекор 3: Резервирајте средства за инвестирање
Битно е да потенцираме дека однапред се врши уплата на потребните средства за купување на хартиите од вредност вклучително со провизиите на клиентската сметка на брокерот. Откако ќе ја определите сумата со која сакате да инвестирате (зголемена за провизиите), префрлете ја истата на клиентската сметка на брокерот. Штом го направите тоа, ќе може да тргувате.
Чекор 4: Направете стратегија на купување и држете се до неа
Колку и да е очигледно, сепак имањето стратегија за купување е битна работа. Многу ја немаат и лутаат. Јас бев таков првиот пат. Во таа хистерија се купуваше и слепо и сакато.
Сепак 2008 ми направи таков пресврт, што денеска стратегиите на инвестирање ми се добро обмислени.
И како функционира вистинското купување. Потпишувате налог за купување на соодветните хартии од вредност. Тоа го правите кај брокерот лично, по телефон или со новиот е-трејдинг систем. За секоја склучена трансакција со акции добивате Извештај од купопродажба на вашата е-пошта.
Честитки, доколку вашата трансакција помина, вие сте горд сопственик на акции и веќе знаете како да купите акции од Македонска берза.
Следни чекори
Последниве 13-тина години купував (тргував) акции на Македонска берза, и тоа многу ми одземаше време. Понатаму почнав да инвестирам во капитално потценети акции и успеав за брзо време да го триплирам портфолиото. Но, и тоа не одеше глатко, бидејќи некогаш акциите се неликвидни па сте „заробени“ во времето, но и некогаш бара ваш ангажман, кој вие не го предвидувате.
Денеска инвестирам во фондови кои инвестираат во фондови (бидете така 🙂 ) и го добивам она што другите цело време го бараат: стабилен раст на портфолиото со голема ликвидност на средствата. Или во превод загарантирана добивка со можост да ги повлечете средствата во било кое време.
Следете не тука, и ќе ви откриеме како и вие да го правите тоа.