Skip to content

Критериуми кои треба да ги исполнуваат акциите во твоето портфолио

Суштинскиот фактор што треба да се земе предвид кога се инвестира во компанија е квалитетот на нејзината дејност. Квалитетот на дејноста е исто како љубовта во бракот. За еден брак да функционира без љубов треба многу коцки да се поклопат, што во пракса е речиси невозможно. Останатите фактори, како одлуките на менаџментот, финансиската моќ на компанијата и вреднувањето на акциите, се исто така важни но се второстепени. Без квалитетна дејност, воопшто не ги ни разгледувајте останатите фактори.

Пред да купите одредена акција, треба да го разберете деловниот модел и да проверите дали компанијата ги исполнува следните три критериуми:

  • Критериум 1. Дали компанијата расте? Компанијата треба континуирано да ги зголемува приходите и заработката (EPS), и тоа со над 10% од акција во секоја од изминатите десет години. Овој раст бил конзистентен дури и за време на рецесии.
  • Критериум 2. Дали компанијата креира вредност за своите акционери? Компанијата треба да има одличен бизнис кој нема потреба од нови големи инвестиции, има висок поврат на инвестицискиот капитал (ROC од најмалку 15% и ROE од најмалку 15%), а во просек користи само 30% од својот оперативен паричен тек за капитални расходи. 
  • Критериум 3. Дали компанијата има ценовна моќ? Компанијата била постојано профитабилна, со пристојни и стабилни профитни маржи во добри и лоши времиња, и тоа во секоја од последните десет години поединечно. Нејзината оперативна маржа се движела стабилно над прагот од 10% дури и за време на рецесијата. 

Топ 3 критериуми кои што одредена компанија треба да ги исполнува пред да ја купите нивната акција

Претходно во овој текст, накратко се запознавме со трите критериуми што одредена компанија треба да ги исполнува пред да инвестирате во нивната акција. Во следните секции ќе навлеземе во повеќе детали за секој од овие три критериуми за да се објасни зошто компаниите кои ги исполнуваат овие финансиски критериуми можат постојано да го инвестираат својот капитал со високи приноси на долги временски периоди, можат да ги зголемат своите цени без да им се намали продажбата и се отпорни како на конкуренцијата така и на економските циклуси.

Критериум 1: Кои финансиски показатели се важни при проценка на растот на компанијата?

Како инвеститори, се разбира, сакаме нашите инвестиции да растат. Затоа и компаниите во кои инвестираме треба да растат. Но, точно кој дел од компанијата треба да расте? 

Билансот на состојба ви го покажува растот на средствата и капиталот. Билансот на успех, пак, го покажува растот на приходите и нето добивката на компанијата. Но, постои и трета опција. 

Според мислењето на многу инвеститори и компании, најдобрата метрика за проценка на растот е слободниот паричен тек по акција.  За разлика од нето добивката, која е сметководствена метрика и остава простор за дискреција од страна на сметководителите и менаџерите, слободниот паричен тек го покажува точниот износ на пари што влегле и излегле од компанијата во текот на пресметковниот период.

Иако e можеби најважен поединечен показател, растот на слободниот паричен тек по акција сам по себе не е доволен за да се процени вредноста на компанијата. Утврдувањето на растот на слободниот паричен тек на компанијата е само првиот чекор во една квалитетна анализа.  

Вториот чекор е да откриеме дали тој раст е одржлив и во иднина. А за да го задржи и реинвестира профитот во раст, најбитно за компанијата е да има можности. Затоа е важно да се разберат трендовите што го продуцирале растот во минатото и да се постигне уверување дека тој ќе продолжи. 

Таквиот раст може да дојде преку зголемување на цените, креирање и продажба на нови производи или продажба на постоечки производи на нови пазари. Колку ќе е сигурен идниот раст на компанијата најдобро може да се види преку ефикасното распределување на капиталот од страна на менаџментот и способноста на компанијата да додаде вредност во својот синџир на снабдување и да се заштити од конкуренцијата.

Критериум 2: Како компаниите креираат вредност за своите акционери? 

Најдобриот показател за тоа колку добро работи една компанија, од перспектива на корпоративните финансии, е нејзиниот поврат на капиталот (ROC). ROC е мерка за приносот кој една компанија го генерира од капиталот што го инвестирала. Оваа мерка ни покажува колку е таа компанија ефективна во користењето на собраниот капитал.

Повратот на капиталот на компанијата мора да биде поголем од цената на капиталот. Ако компанијата може да позајми капитал со околу 2% и може да го инвестира со принос од 20%, тогаш со текот на времето компанијата создава вредност. Ако компанијата позајми капитал со 7% а може да генерира принос од само 3%, тогаш со текот на времето ја уништува својата вредност.

Секако дека високиот поврат на капиталот е одличен, но постојано високата вредност во текот на долг временски период е уште подобра. Многу може да се заклучи од компанија која е способна долго време да одржува висок поврат на капиталот. 

Освен што сигнализира дека компанијата е ефикасен распределувач на капитал и дека може ефективно да го користи капиталот што го собира, постојано високата вредност во текот на долг временски период сугерира и дека компанијата има предности во однос на нејзините конкуренти.

Ако ги анализираме бизнис моделите на овие компании, можеме да откриеме во што всушност се состои нивната додадена вредност. Имено, тие: 

  • честопати уживаат комбинација од нематеријални предности (силен бренд, интелектуална сопственост, итн.), 
  • имаат пониски трошоци (можат да го произведат она што го продаваат по пониска цена од нивните конкуренти), 
  • подолго ги задржуваат своите клиенти благодарение на т.н. трошоци за префрлање (нивните клиенти ќе имаат трошоци или сложени постапки за префрлување во случај да сакаат да се префрлат кај конкурентите), 
  • и ги користат поволностите од мрежните ефекти (нивниот производ се подобрува како што се зголемува бројот на луѓе кои го користат).

График 1: акциии oд компании кои во последните 10 години успеале да остварат просечен поврат на капиталот (ROC) од над 15%

Критериум 3: Кои компании имаат ценовна моќ?

Успехот на компаниите лежи на два клучни столба: односот со инвеститорите и врската во синџирот на снабдување. Благодарение на ефективниот однос на компаниите со своите инвеститори, компаниите имаат постојано висок принос на капиталот, а ефективната врска во нивниот синџир на снабдување придонесува за континуирано одржување на висока маргина.

Бруто профитната маргина се изразува како процент на бруто добивката во однос на приходот. Ако една компанија генерира 10 милијарди долари приход и 6 милијарди долари бруто-добивка, тогаш таа компанија има бруто профитна маргина од 60%. Ова значи дека компанијата креира производи, или услуги, за 4 долари и ги продава за 10 долари. Очигледно е подобро да креирате нешто за 4 долари и да го продадете за 10 долари отколку да креирате нешто за 8 долари и да го продадете за 10 долари.

Бидејќи бруто-добивката, исто како и нето-приходот, може лесно да се штелува од страна на сметководителите, за броител во пресметката на маргините се претпочита слободниот паричен тек. Маргината на слободниот паричен тек се пресметува така што слободниот паричен тек на компанијата се дели со нејзиниот приход и се изразува како процент. Тоа е мерка за износот на готовина генерирана од една компанија како дел од нејзиниот приход. Постојано високата маргина на слободниот паричен тек одржана во текот на долг временски период е најдобриот показател дека компанијата има ценовна моќ.

Табела 1: акциии oд компании кои во последните 10 години успеале да одржат многу висока просечна маргина на слободен паричен тек

На крајот, откако ќе пронајдете компанија која покажала одлични деловни перформанси во минатото, треба да ја земете предвид и природата на бизнисот, што всушност го претставува четвртиот а можеби и најбитен критериум кој треба да го исполни една компанија пред да се инвестира во неа. Која суштинска особина на бизнисот одиграла клучна улога за успехот на компанијата и дали тој ќе продолжи да работи исто како и досега? Впрочем, за оние кои купуваат акции сега, многу побитно е како компанијата ќе работи во иднината отколку како работела во минатото.

Заклучок 

Инвестицискиот универзум содржи илјадници котирани компании од кои инвеститорите можат да избираат. Скриен во инвестицискиот универзум постои и мал кластер на компании кои се тешки за наоѓање а споделуваат неколку ретко позитивни финансиски карактеристики.  Овие компании можат постојано да го инвестираат својот капитал со високи приноси на долги временски периоди, можат да ги зголемат своите цени без да им се намали продажбата и се отпорни како на конкуренцијата така и на економските циклуси.

Пред да купите одредена акција, треба да го разберете нејзиниот деловен модел и да проверите дали компанијата има високи вредности кај трите основни финансиски карактеристики: слободниот паричен тек по акција, повратот на капиталот (ROC) и маргината на слободниот паричен тек.

  • Според мислењето на многу инвеститори и компании, најдобрата метрика за проценка на растот е слободниот паричен тек по акција и дали тој раст е одржлив и во иднина. За да се открие тоа треба да се разберат трендовите што го продуцирале растот во минатото и да се постигне уверување дека тој ќе продолжи. 
  • Најдобриот показател за тоа колку добро работи една компанија, од перспектива на корпоративните финансии, е нејзиниот поврат на капиталот (ROC). Секако дека високиот поврат на капиталот е одличен, но постојано високата вредност во текот на долг временски период е уште подобра. Многу може да се заклучи од компанија која е способна долго време да одржува висок поврат на капиталот. 
  • Маргината на слободниот паричен тек се пресметува така што слободниот паричен тек на компанијата се дели со нејзиниот приход и се изразува како процент. Тоа е мерка за износот на готовина генерирана од една компанија како дел од нејзиниот приход. Постојано високата маргина на слободниот паричен тек одржана во текот на долг временски период е најдобриот показател дека компанијата има ценовна моќ.

И ова е само почеток. Самото селектирање на компаниите не е доволно. Откако инвеститорот ќе е длабоко уверен дека пронашол акција од квалитетна компанија која се тргува по атрактивна цена, тој ќе треба да одлучи како компанијата ќе се вклопи во неговото портфолио. 

Дали таа акција треба да биде неговата најголема позиција или ќе ја гради позицијата постепено со контниурано докупување на акцијата. Дали ќе е потребно да продаде акција од друга компанија за да ослободи готовина за новата позиција? И кој ќе е соодветниот момент за продажба на акцијата?   

Ако сакате да ги откриете критериумите според кои ги селектираме акциите во нашето инвестициско портфолио, засладете нѐ, контактирајте нѐ и приклучете се на Opfolio инвестицискиот клуб. Кај нас нема да наидете на агресивни реклами, лесни трикови и брзи начини за збогатување, туку само информирана, искрена и пријателска едукација.

Почнавме да инвестираме на 1 јануари 2022 година, а од тогаш заклучно до 16 јуни 2023 година, нашето инвестициско портфолио има остварено добивка од 71.116 евра  или 29,9%. За споредба, во истиов период, индексот S&P500 остварил принос од -8,1% а индексот Nasdaq од -12,5%

Добивај корисни информации, анализи и препораки директно во инбокс.