Видови обврзници
Во овој текст ќе ги наброиме најчестите видови на обврзници што може да се сретнат на пазарите на капитал:
- Гарантирани обврзници
- Осигурени (хипотекарни) обврзници
- Неосигурени обврзници
- Обврзници без купон
- Откупливи обврзници
- Отповикливи обврзници
- Партиципативни обврзници
- Заменливи (конвертибилни) обврзници
Гарантирани обврзници
Гарантирани обврзници се оние кај освен издавачот, уште една институција (најчесто банка), која дава гаранција дека издавачот ќе ја изврши обврската по обврзниците и во тој случај ќе ја исплати каматата и главницата во предвидените рокови. За оваа услуга банката-гарант добива провизија, и воедно го врши пласманот на обврзницата.
Осигурени (хипотекарни) обврзници
Осигурени (хипотекарни) обврзници се обврзници кои при издавањето се осигуруваат со хипотека на недвижниот имот на издавачот (емитентот). Имотот е даден под хипотека најчесто има пазарна вредност која во најмала рака е поголема од износ кој е позајмен со обврзниците. Во случај еминтетот да дојде во тешкотии при исплаќање на обврските и не успее да ги исплати финансиите во рамки на рокот на доспевање, имотот даден како обезбедување се продава со цел се исплатат сопствениците на осигурените обврзници.
Неосигурени обврзници
Неосигурени обврзници се оние обврзници кои немаат осигуривање (хипотека) како имот, туку зад нив стои единствено финансиската стабилност и рејтингот на компанијата. Ваквите обврзници најчесто ги издаваат високо бонитетни друштва.
Обврзници без купон
Обврзници без купон се понов вид на обврзници кои станале популарни во последниот период посебно кај големите компании. Тие претставуваат обврзници кои немаат камата. Кај овие обврзници каматата не се исплатува, туку се пресметува со вградување во цената на обврзница со дисконтирање на номиналната цена на обврзницата (обично дисконтот се движи од 20%-30% од номиналната цена).
Откупливи обврзници
Откупливи обврзници се обврзници кои имаат фиксна камата и кои му даваат право на сопственикот да ги наплати во одреден момент пред рокот на доспевање, ако на пазарот дојде до пораст на каматните стапки во однос на каматната стапка што ја носи обврзницата.
Отповикливи обврзници
Отповикливи обврзници се обврзници кои му даваат можност на емитентот да ги повлече обврзниците пред рокот на доспевање, на тој начин што на самите инвеститори ќе им исплати поголема вредност од номиналната вредност на обврзниците. При повлекувањето на обврзниците не може да се изврши нова емисија на обврзници, ниту пак истата да се направи пред наведениот рок за повлекување.
Партиципативни обврзници
Партиципативни обврзници се обврзници кои покрај каматата на нивниот сопственик му даваат и право да учествува учество во добивката на друштвото, доколку истата биде остварена во предвидениот износ.
Заменливи (конвертабилни) обврзници
Заменливи (конвертабилни) обврзници се обврзници кои можат во одредено време, под однапред познати услови, да се заменат за обични акции на друштвото.