Skip to content

Македонска берза

Mакедонска Берза АД Скопје

Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје е посредничка финансиска установа во Македонија за хартии од вредност. Таа е организирана како акционерско друштво (АД) со седиште во Скопје и има дејност на организација, извршување и регулирање на трговијата со хартии од вредност. Таа е прва и единствена финансиска установа од ваков тип во историјата на Македонија заснована врз Законот за хартии од вредност.

Вебсајт: mse.mk – Macedonian stock exchange

Основање на Македонска Берза

Македонска Берза АД Скопје е основана на 13 септември 1995 година кога се одржа Основачкото Собрание. Основањето на Берзата беше реализирано со техничката помош на Британски фонд (British Know-How Fund), обезбедена преку Владата на Република Македонија. Македонска берза АД Скопје ја основаа 19 правни лица, од кои 13 банки, 3 осигурителни друштва и 3 штедилници.

Во рамките на овој проект беше спроведена и обуката на првата генерација брокери. На 28 март 1996 година, во Република Македонија за прв пат заѕвони берзанското ѕвоно и се одржа првиот ден на тргување на Берзата.

Почетокот на работата на Берзата го означи тогашниот Претседател на Република Македонија, г-динот Киро Глигоров. На Берзата се тргуваше два пати во неделата, во вторник и четврток. На 16 октомври истата година, Македонска берза беше примена како полноправна членка на Федерацијата на Евроазиски берзи.

Oрганизација и дејност на Македонска Берза

Македонската берза е акционерско профитно друштво каде како акционери се јавуваат 6 банки, 9 брокерски куќи, едно осигурително друштво и две физички лица.

Со Македонската берза раководи главниот извршен директор, кому непосредно му помагаат Советникот на управата (кој раководи со Дирекцијата за општи и административни работи) и правните советници од Дирекцијата за правни работи и членство. Под него во организациската поставеност се наоѓа извршниот директор, во чија надлежност е Дирекцијата за информатичка и техничка поддршка, а исто така, нему пак му одговараат и директорот на Секторот за деловни операции.

Основачкиот капитал на Македонската берза изнесува 500.000 евра. Тргувањето со хартиите од вредност кои котираат на берзата се врши преку официјалниот и неофицијалниот пазар. Цел на Берзата, во рамките на своето работење е да обезбедува:

  • Законитост во тргувањето со хартии од вредност;
  • Почитување на правилата на Берзата од страна на сите учесниците во работењето
  • Заштита на интересите на учесниците на Берзата и
  • Информирање на јавноста за прашањата значајни за работата на Берзата.

Мисија и визија на Македонска Берза

Мисија на Македонската берза АД Скопје е да обезбеди ефикасно, транспарентно и сигурно функционирање на организираниот секундарен пазар на хартии од вредност во Македонија, преку перманентно настојување на инвеститорите да им обезбеди влез, односно излез од сите финансиски инструменти со кои се тргува на различните берзански пазари по фер пазарна цена, сè со цел да помогне во градењето доверба во македонскиот пазар на хартии од вредност.

Од аспект на пазарот на хартии од вредност, овие активности подразбираат промени и усогласувања на нормативните акти и практиката во сферата на деловното однесување со принципите и легислативата на Европска Унија.

Истовремено, ќе биде потребно прилагодување на работењето на пазарните учесници кон ова ново опкружување и постапна подготовка за соочување на македонскиот пазар на хартии од вредност со конкуренција на повеќе нивоа. Затоа, во наредните години приоритет ќе биде развојот на Македонската берза во добро организиран и модерен секундарен пазар на хартии од вредност кон кој и натаму ќе гравитираат мнозинството домашни инвеститори, како и странските инвеститори кои одлучиле да вложуваат на „пазарите во појавување“.

Ова значи дека Берзата мора да креира механизми, процедури и проекти со чија реализација ќе биде во состојба да го поднесе притисокот на конкуренцијата што ќе се создаде поради процесите на интеграција на земјата во ЕУ. Тоа подразбира дизајнирање на стратегијата за подобрување на нивото на понудата на пазарот преку задржување на котираните компании кои својот деловен интерес ќе го идентификуваат во котација на Берзата и развивање на нови финансиски инструменти, што ќе можат да ја апсорбираат веќе нараснатата побарувачка.

Постапка за прием на редовен пазар

Пазарот на јавно поседувани акционерски друштва е пазарниот сегмент на Берзата на кој се внесени некотираните хартии од вредност издадени од акционерски друштва со посебни обврски за известување, согласно Законот за хартии од вредност.

Берзата врши регистрација на хартиите од вредност од Регистарот на акционерски друштва со посебни обврски за известување на Комисијата за хартии од вредност и им доделува соодветна шифра за тргување. По регистрацијата, Берзата ја известува јавноста за акционерските друштва со кои ќе се тргува на Пазарот на јавно поседувани друштва.

Слободен пазар е пазарниот сегмент на кој се тргува со сите други хартии од вредност, освен оние што се тргуваат на Официјалниот пазар и на Пазарот на јавно поседувани акционерски друштва. Барањето за прием за тргување на Слободниот пазар, во писмена форма го поднесува членката на Берзата, по налог на инвеститорот, кој треба да ги содржи најмалку следниве податоци:

  • назив на издавачот на хартиите од вредност;
  • матичен број на издавачот на хартиите од вредност;
  • ИСИН на хартијата од вредност;
  • видот и родот на хартијата од вредност;
  • номиналната вредност на хартијата од вредност.

Берзата, во исклучителни случаи, по свое дискреционо право може да одбие прием и регистрација на одредена хартија од вредност, доколку оцени дека со прифаќањето би се нарушил интегритетот на пазарот или би се довеле во заблуда потенцијалните инвеститори.

Тргување на Македонска Берза

На берзата се тргува со инструменти кои согласно Законот за хартии од вредност се дефинирани како хартии од вредност, кои се котирани односно регистрирани на некој од пазарите на Берзата во согласност со законските одредби и актите на Берзата и за чие тргување Берзата обезбедува соодветна системска и организациона поддршка.

Берзата може во договор со пооделни субјекти, да организира и тргување со друг берзански материјал, со претходна согласност од Комисијата за хартии од вредност. На Берзата не се тргува со хартии од вредност во случаи кога: не доаѓа до законска промена на сопственоста на хартиите од вредност; и кога преносот на сопственоста на хартиите од вредност е резултат на нова емисија на хартии од вредност која е во тек.

Тргувањето со хартии од вредност на Берзата е комплетно автоматизирано, односно истото се одвива преку Берзанскиот Електронски Систем за Тргување наречен БЕСТ. Тргувањето се одвива „далечински” т.е. сите брокери се електронски поврзани од своите деловни простории со централниот компјутерски опслужувач сместен на Берзата.

БЕСТ системот е отворен за членките на берзата за работа со налозите за тргување секој ден на тргување (понеделник, вторник, среда, четврток и петок) во времетраењето на фазите на тргување.

БЕСТ системот се базира на системот на налози, согласно моделот на континуирано наддавање и употреба на методот на компјутерско усогласување на цените на хартиите од вредност. Цените по кои се тргува на Берзата се објавуваат за 1 (еден) лот и можат да се изразуваат:

  • за акции: во денари, без децимални места;
  • за обврзници: како процент од номиналната вредност или како процент од сè уште неисплатената главнина (ануитетски обврзници), без акумулираната камата.

Процентот се изразува со две децимални места.

При тргувањето со обврзници, освен цената, купувачот на обврзниците е должен на продавачот на обврзниците да му ја плати акумулираната, но сè уште ненаплатената камата. Пресметката на акумулираната камата ја врши овластен депозитар.

Официјална дневна просечна цена на определена хартија од вредност се пресметува како пондерирана аритметичка средина на сите цени од сите трансакции со таа хартија од вредност во еден ден на тргување. Како пондер се зема количината на хартии од вредност кај секоја трансакција. Официјалната дневна просечна цена се формира на крајот на денот на тргување. Официјалната дневна просечна цена за определена хартија од вредност се објавува во официјалната дневна список на Берзата.

За сите хартии од вредност (и котирани и некотирани) на сите пазарни сегменти на Македонската берза воведен e ист режим на тргување, со што, независно од пазарниот сегмент, ликвидните хартии од вредност се тргуваат во режим на “континуирано тргување” со ценовни ограничувања од +/-10 од базната цена за таа хартија од вредност на денот на тргување, додека неликвидните хартии од вредност се тргуваат во режим на “фиксинг” без ценовни ограничувања.

Налозите за тргување со хартии од вредност кои гласат на цени поголеми или помали од дозволените ценовни ограничувања во текот на денот, БЕСТ автоматски ги става во неактивна состојба.

Берзата може времено да го прекине тргувањето со определена хартија од вредност во следниве случаи:

  • значајни пореметувања во работењето на издавачот на хартиите од вредност;
  • неточно наведени податоци во барањето за котација;
  • објавување на ценовно чувствителни информации;
  • манипулации со информaциите или цените;
  • големи ценовни флуктуации или други невообичаени околности при тргувањето (голема количина на истргувани хартии од вредност, голема пазарна нерамнотежа итн.);
  • оневозможување на трансферот на сопственоста на хартиите од вредност;
  • нарушување на довербата во тргувањето со хартии од вредност;
  • настанување на околности кои можат да доведат до нарушување на фер тргувањето со хартиите од вредност;
  • можно настанување штети за членките, инвеститорите и Берзата;
  • во други околности, ако тоа го налага општиот принцип на заштитата на инвеститорите.

Утврдување и порамнување

Утврдувањето претставува процес на пресметување на меѓусебните обврски на овластените учесници на пазарот на хартии од вредност коишто произлегуваат од склучените трансакции со хартии од вредност на Берзата.

Утврдувањето и порамнувањето ги врши овластен депозитар. Обврските што се однесуваат на преносот на хартиите од вредност од склучените берзански трансакции со хартии од вредност се извршуваат по пат на истовремено плаќање на реализираната цена за тие хартии од вредност на Берзата (принцип “испорака наспроти плаќање”).

Порамнувањето на трансакциите со хартии од вредност на сите пазари на Берзата се врши на третиот работен ден од денот на склучувањето на трансакцијата. Доколку и од двете членки учеснички во трансакцијата постои согласност, порамнувањето на трансакциите со хартии од вредност на сите пазари на Берзата може да се врши и во пократок период од третиот работен ден од денот на склучувањето на трансакцијата, во специјален ден на порамнување, на начин пропишан од страна на Берзата.

Податоците за склучените берзански трансакции Берзата ги доставува до овластениот депозитар во електронска форма на денот кога истите се склучени. Порамнувањето на блок трансакциите склучени на сите пазари на Берзата се врши согласно договорот помеѓу купувачот/купувачите и продавачот/продавачите на хартиите од вредност, согласно принципот “испорака наспроти плаќање”, но не подолго од три работни дена од денот на објавување на блок трансакцијата од страна на Берзата. Порамнувањето не може да се изврши со одложено плаќање.

Македонски Берзански Индекс (МБИ10)

Во 2005 е составен Македонски Берзански Индекс (МБИ10), со чија пондерација на пазарната капитализација се овозможува пореално прикажување на движењата на цените на акциите на Македонската Берза.

МБИ10 се состои од 10 котирани акции на Официјалниот пазар на Македонската Берза, кои се избрани од страна на Комисијата за берзански индекс. Пресметувањето на МБИ10  и изборот на акции се врши според Методологијата за пресметување на Македонски Берзански Индекс – МБИ10.

Издавач Шифра
Алкалоид Скопје ALK
Стопанска банка Скопје STB
Гранит Скопје GRNT
Комерцијална банка Скопје KMB
Макпетрол Скопје MPT
ТТК Банка Скопје TTK
Македонски Телеком Скопје TEL
Македонијатурист Скопје MTUR
НЛБ банка Скопје TNB
Стопанска банка Битола SBT



Тагови: makedonska berza, makedonska berza ad skopje, makedonska berza mk, mse mk, macedonian stock exchangemakedonska berza akcii, македонска берза акции, македонска берза мк

Поврзани блог постови