Skip to content

Берзански индекс

Што e берзански индекс?

Берзанскиот индекс претставува алатка за мерење на промените на цените на група хартии од вредност. Во берзанската “кошница” влегуваат акциите на најквалитетните компании, коишто треба да бидат репрезентативен примерок и да дадат јасна слика за движењата на поширокиот пазар.

Македонски Берзански Индекс – МБИ10

Од 01.11.2001 година Македонската Берза АД Скопје започна со пресметување на Македонскиот Берзански Индекс (МБИ), кој беше составен од петте најликвидни акции на Македонската Берза: Алкалоид АД Скопје, Европа АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, Макпетрол АД Скопје и Топлификација АД Скопје. МБИ беше ценовен, непондериран индекс, кој, како прв берзански индекс во Република Македонија, ја изврши својата функција на воведување на агрегатен показател за квантифицирање на берзанските движења.

Со развојот на Македонската Берза се појави потребата од воведување на нов, пондериран индекс на Македонската Берза. Од тие причини, од 04.01.2005 година беше воведен новиот Македонски Берзански Индекс (МБИ10), со чија пондерација преку пазарната капитализација се овозможува пореално прикажување на движењата на цените на Македонската Берза.

Пресметувањето на МБИ10 се врши согласно Методологијата за пресметување на Македонски Берзански Индекс – МБИ10. МБИ10 се состои од најмногу 10 котирани акции на Официјалниот пазар на Македонската Берза, избрани од страна на Комисијата за берзански индекс, според критериумите наведени во Методологијата. 

Комисијата за берзански индекс, редовно (два пати годишно) и вонредно (во случај на вонредни околности) врши усогласување на структурата на МБИ10 со состојбата на пазарот.

Комисијата за берзански индекс, одлучи за почеток МБИ10 да биде составен од обичните акции на следните 10 котирани друштва

  • Алкалоид АД Скопје
  • Топлификација АД Скопје
  • Комерцијална банка АД Скопје 
  • Макпетрол АД Скопје
  • Фершпед АД Скопје
  • Стопанска банка АД Битола
  • Гранит АД Скопје
  • Македонијатурист АД Скопје
  • Европа АД Скопје
  • Охридска банка АД Охрид 

За база на МБИ10, со вредност 1.000 се зема вредноста на индексот на 30.12.2004 година.

Во продолжение и контекст на текстот, ви ги споделуваме и едни од најпознатите берзански индекси во светот: 

Берзански индекс ДАКС (DAX Index)

DAX Index е индексот на 30 најдобри акции на официјалниот пазар на Франкфуртската берза кој се пресметува врз основа на минутните промени на цените.

Берзански индекс Дау Џонс (Dow Jones index)

Dow Jones Industrial Average (индустриски просек) ја мери просечната цена на 30-те најдобри, најликвидни акции на индустриски претпријатија на Њујоршката берза. За транспортните и јавните комунални претпријатија постојат посебни индекси.

Берзански индекс ФА3 (FAZ index)

Индекс составен од 100-те водечки акции на Франкфуртската берза, пресметан врз основа на официјалните цени објавени од страна на дневниот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (Frankfurter Allgemeine Zeitung – FAZ).

Берзански индекс Фајненшал Тајмс (Financial Times – FТ index)

Индекс кој ја мери просечната вредност на 30-те водечки акции на индустриските и трговските претпријатија на Лондонската берза. Од 1935 година беше популарен поради тоа што беше единствен индекс со помош на кој се пресметуваа промените на цените на акциите по секој изминат час во рамките на работниот ден на берзата. Меѓутоа, од 1948 година наваму попопуларен стана индексот на 100-те најдобри акции (познат како индекс FТ-ЅЕ 100 или Футси (Footsie) ), кој ги мери минутните движења на цените.

Берзански индекс ЦАЦ (САС index)

Индекс на Париската берза кој го изработува Compagnie des Agents de Change. И ндексот се пресметува врз основа на вредноста на 244 акции кои претставуваат околу 85% од вкупната капитализација на пазарот.

Поврзани блог постови