Skip to content

Акции

Што е акција?

Акција (Share) – сопственичка хартија од вредност, која претставува неделив и идеален дел од основната главнина на акционерското друштво. Таа е пренослива хартија од вредност.

Видови на акции

Основната поделба на акциите е на:

Обични акции (Ordinary shares)

Обичните акции се најчестиот вид на акции. Имателите на обични акции се заеднички сопственици на друштвото. (Американскиот израз е “common stock“).

Приоритетни акции (Preference shares)

Акции со фиксен принос кои на имателите на истите им даваат право на приоритет при исплаќањето дивиденда или при ликвидација на друштвото во однос на имателите на обични акции, но дури по исплаќањето на каматите на имателите на корпоративните обврзници и другите кредитори.

Видови на приоритетни акции

Приоритетните акции се делат на:

Кумулативни приоритетни акции (Cumulative)

Приоритетна акција чиј сопственик има право на дивиденда пред профитот да се распредели на сопствениците на обични акции, кои немаат вакво право.

Партиципативни приоритетни акции (Participating preference capital)

Акции чии сопственици имаат право не само на фиксна камата која се исплатува од профитот, туку во одредени точно утврдени околности, и на дополнителен дел од профитот.

Жешки акции (Hot stock)

Aкции за кои што постои голем интерес во јавноста, обично новоиздадени акции чија цена брзо расте се нарекуваат жешки акции.

Син чип (Blue chip)

Blue chip акции се нарекуваат обичните акции на друштвата со докажани квалитети и искусен менаџмент. Тоа се обично големи фирми кои што обезбедуваат солиден профит и дивиденди, како и натпросечни перформанси на акциите. Тоа се најпознати и најценети фирми. Терминот е американски и води потекло од најскапиот жетон во покерот.

Основни елементи поврзани со акции

Ова се дел од најважните елементи поврзани со акциите како хартии од вредност:

Акционер (Shareholder)

Акционер претставува лицето кое е сопственик на акциите. Сопственик се станува со запишување и уплата на износот по кој акцијата се продава.

Акционерско друштво (Joint stock company)

Акционерско друштво претставува друштво чиј основачки капитал е поделен на акции кои ги запишуваат и уплаќаат одделни акционери.

Акционерски капитап (Share capital)

Вкупниот број акции одобрени за издавање или веќе издадени од страна на едно друштво претставуваат акционерски капитал.

Пазарна капитализација (Market capitalization)

Вкупната вредност на хартиите од вредност на едно претпријатие по тековни цени, односно вкупниот број на издадени акции помножен со пазарната цена на истите.

Делење на акции (Stock split)

Поделба на издадените акции на друштвото на поголем број акции, со тоа што се задржува пропорционалната структура на сопственост.

Гласачки права (Voting rights)

Најголемиот број обични акции носат еднакви гласачки права при гласањето во врска со работи од голема важност за акционерското друштво.

Акциите на пазарот на капитал

Пазарите на капитал каде што се тргува со акции се делат на два основни видови:

Примарен пазар (Primary Market)

Примарниот пазар претставува пазар за пласирање на новите хартии од вредност, како што се домашни и странски акции и обврзници, на инвеститорите од страна на организирана група субјекти која ја раководи емисијата. 

Приходите од продажбата на хартиите одат кај издавачот. Сите понатамошни купо-продажби на истите хартии од вредност се спроведуваат на секундарниот пазар.

Секундарен пазар (Secondary Market)

Секундариот пазар претставува пазар за купување и продавање на домашни и странски хартии од вредност по иницијалната емисија на истите на примарниот пазар. Приходите од продажбата на хартиите одат кај инвеститорите, а не кај издавачите

Како можат да се купат акции?

Вo Република Северна Македонија со акции и обврзници се тргува исклучиво на Македонска берза АД Скопје. За да купите/продадете акции на берзата потребно е да контактирате со брокерска куќа или банка која има дозвола за работа со хартии од вредност и соодветно тие ќе ве упатат како може да тргувате на берза.

Дали и како можам да купам акции во странство?

Сите физички и правни лица од Република Северна Македонија може да тргуваат во странство. Притоа тоа можат да го направат самостојно или пак преку брокерска куќа или банка која има дозвола за работа со хартии од вредност.

Поврзани блог постови