Skip to content

Инфлација

Што е инфлација?

Поимот инфлација потекнува од латинскиот збор inflatio кој значи зголемување. Во економијата, инфлацијата претставува постојан пораст на општото ниво на цените во одреден временски период. 

Според оваа дефиниција, за да кажеме дека настапила инфлација, потребно е да бидат исполнети два услова.

1. Пораст на општото ниво на цените

Инфлацијата претставува пораст на општото ниво на цените мерено преку некој индекс на цени. Не можеме да зборуваме за инфлација доколку пораснала цената на само еден или на група производи.

2. Тренд на постојано зголемување на цените

Инфлацијата претставува тренд на постојано зголемување на цените. Еднократниот пораст на сите цени, на пример поради зголемени даноци, не може да се смета за инфлација.

Што значи инфлацијата за луѓето?

Во нормални услови, луѓето одат во продавница со пари во џебот и купуваат цела корпа производи. Во инфлаторни услови, луѓето одат во продавница со полна корпа пари, а купуваат производи кои можат да ги сместат во својот џеб.

Карактеристики на инфлацијата

  • Речиси нема земја т.е. национална економија во која не постои инфлација.
  • Во пазарните економии, инфлацијата се манифестира со покачување на цените.
  • Во централизирано и административно уредените економии, инфлацијата се манифестира со создавање на редови на чекање за одделни производи.
  • Не постои една иста инфлација во две или повеќе национални економии. Во секоја земја, ифлацијата има повеќе или помалку национални карактеристики.
  • Една иста инфлација речиси никогаш не се повторува во друг временски период. Секоја наредна инфлација е речиси секој пат поинаква т.е. „нова“ во однос на поранешните.

Од почетокот на 1960-тите, години кога стапката на инфлација изнесувала некаде околу 1% и 2%, економиите до ден денес имаат претрпено повисоки и променливи стапки на инфлација.

Низ изминативе 50 години, стапката на инфлација постојано се менуваше, достигнувајќи високи вредности кои во некои случаи беа дури и двоцифрени. Таа варијација на стапката на инфлација се наметна како главен економски и монетарен проблем на сите економии, па постојано се бара решение за стишување на таканаречениот инфлаторен оган кој постојано ги спотнува и разгорува цените во сите економии во светот.

Видови на инфлација според интензитетот и динамиката

Од аспект на интензитетот и динамиката на појавата и ширењето на инфлацијата, ги среќаваме следните видови на инфлација:

Леснa инфлација

Исто така се нарекува и полужешка односно дозирана инфлација. Овој тип на инфлација се јавува кога нивото на цените упорно расте во одреден временски период со блага стапка. Кога стапката на инфлација е помала од 10 % годишно, или е едноцифрена стапка на инфлација, се смета дека е умерена инфлација.

Средна инфлација

Овој вид на инфлација се манифестира со малку поголем, но сè уште умерен растеж на цените. Намалувањето на куповната сила на парите се движи помеѓу 5 и 15%, некаде дури и 20% годишно.

Забрзана инфлација

Овој вид на инфлација се манифестира со забележлив интензитет на динамиката на инфлацијата. Кај овој вид на инфлација, годишниот растеж на цените на мало е меѓу 15% и 30%, а во некои национални економии и до 50%.

Хиперинфлација

Која уште се нарекува и суперинфлација, претставува галопирачка или катастрофална инфлација. Таа подразбира брзо и прогресивно намалување на куповната сила на домашната валута и на нејзината интервалутна вредност.

Tрае релативно кусо време, но се манифестира со висок интензитет. Нивото на цените на мало се зголемува стотина, неколку илјади или десетина илјади пати годишно. Хиперинфлацијата е најчесто последица на војни и револуции, економска дезорганизација на земјата, или константно висок буџетски дефицит којшто се покрива со автономна емисија на пари.

Видови на инфлација според причините

Најчести видови на инфлација според причините кои доведуваат до нејзина појава се:

Парична инфлација (money Inflation)

Паричната инфлација е состојба во националната економија предизвика од пуштање на прекумерно количество на пари во оптек во економијата од страна на Централните банки. Ако целата економија ја споредиме со човечкото тело, тогаш Централните банки на државите се срцето на економијата.

Тие пуштаат или повлекуваат количество на пари во оптек со цел да одржат оптимално ниво, исто како што срцето пушта и ја циркулира крвта во нашето тело. Доколку во економијата има повеќе пари од оптималното ниво, кредитирањето станува поевтино, луѓето и фирмите лесно се задолжуваат и трошат повеќе, а сè поголемото трошење доведува до пораст на цените, односно инфлација.

Затоа, поради вишокот на пари во економијата, односно вишокот на пари во оптек кои банките предводени од Централната банка ги пуштаат да циркулираат, доаѓа до поголемо трошење, а поголемото трошење и зголемената побарувачка значат и пораст на цените, односно инфлација.

Овој тип на инфлација се нарекува и инфлација предизвикана од фактори на страна на побарувачката и трае подолг период, т.е. додека економијата да се врати во стабилно ниво на инфлација.

Структурна инфлација (structure inflation)

Состојба на националната економија предизвикана од разликите на факторите на производство, распределбата на националниот доход и нивото на стапката на економски раст.

Инфлација на трошоци (cost push inflation)

Состојба во националната економија во која цените не се зголемуваат примарно поради растот на побарувачката, туку поради растот на трошоците на производството (на пр. раст на цената на нафтата која се користи како инпут во голем дел од производството). Во овој случај, зголемените трошоци генерираат раст на продажните цени на добрата и услугите.

Ова пак доведува до верижни реакции на натамошното развивање на инфлационата спирала, кои најчесто се кратророчни, односно траат пократко. Овој тип на инфлација исто така се нарекува инфлација предизвикана од фактори на страна на понудата.


Тагови: инфлација, инфлација во македонија, inflacija, inflacija vo makedonija

Поврзани блог постови