За некои инфлацијата е знак дека економија се бори, а за други пак е знак за просперитетна економија. Ефектите од секоја инфлација може да бидат и добри и лоши, а како најзначајни и најчести ефекти се издвојуваат:
- Ја намалува куповната моќ на парите. Прв и најчест ефект од зголемена инфлација во секоја економија е намалување на куповната моќ на парите поради зголемување на општото ниво на цените. Тоа значи дека ако пред 10 години едно кафе вредело 30 денари, а денес 80 денари, куповната моќ на денарот се намалила. Во овој случај, мора да се напомене дека инфлацијата значи зголемување на цените на повеќе производи како кошничка на производи, а не само на еден производ како што во примерот го наведивме само кафето.
- Го поттикнува трошењето и инвестирањето. Како разумен одговор при појава на инфлација во економијата е зголемување на потрошувачката. Парите само ќе продолжат да ја губат својата вредност, па подобро е да се купат физички добра или да се инвестира во работи кои најверојатно нема да ја изгубат вредноста, или барем не колку парите. На долг рок, финансиските инструменти се најдобра заштита од инфлација. Да речеме дека во 1980-та година сте купиле акција од Apple за 29 долари. Според Yahoo Finance, таа акција денес би вредела повеќе од 7000 долари, додавајќи ја дивидендата и поделбата на акции. Доколку тие 29 долари сте ги закопале под земја и денес сте ги откопале, нивната номинална вредност не би се променила, меѓутоа сега со нив би купиле многу помалку спордено со 1980-та, затоа што куповната моќ на доларот од 1980-та е намалена како резултат на инфлацијата.
- Предизвикува поголема инфлација. Можеби звучи збунувачки, но еден од ефектите на инфлацијата е уште поголема инфлација. Додека домаќинствата и компаниите трошат сè повеќе пари за добра со цел да се ослободат од парите кои континуирано губат вредност, во економијата има сè повеќе пари и поголема понуда отколку побарувачка на пари. Со тоа, куповната моќ на парите се намалува со уште побрзо темпо. Сето тоа може да резултира со хиперинфлација како најдисторзивен вид на инфлација.
- Ја зголемува цената за задолжување. Во последните 100 години, монетарната политика на речиси секоја економија во светот е насочена кон одржување на инфлацијата на стабилно ниво од 2% годишно. Тоа значи дека постои силна врска помеѓу инфлацијата и каматните стапки. Ако каматните стапки се на ниско ниво, тоа значи дека задолжувањето е поевтино, односно каматната стапка по која ќе го отплатуваме кредитот е пониска. Со тоа се стимулира кредитирањето и инвестициите во економијата, а со тоа и економскиот раст. Исто така се стимулира и земањето на кредити, односно на потрошувачката во целина. Од друга страна пак, со зголемување на каматните стапки, Централната банка стимулира намалување на кредитирањето и задолжувањето, а спротивно од тоа, зголемување на штедењето. Тоа значи дека кредитот за новиот стан станува поскап поради повисоката каматна стапка, инвестицискиот кредит на компанијата стапнува поскап, па затоа е подобро да се стават парите како депозит во банка со цел да се добие повисока каматна стапка.
- Позајмувањето станува поевтино. Ако претходно заклучивме дека повисоките каматни стапки значат поскапување на задолжувањето, инфлацијата која ја намалува вредноста на парите го прави кредитот поевтин. Да претпоставиме дека сте зеле кредит од 100.000 денари со годишна каматна стапка од 5%. Ако инфлацијата е повисока, да речеме 10%, реалната вредност на кредитот се намалува побрзо. Тоа значи дека тие 100.000 денари што сте ги добиле како кредит сега вредат помалце и каматата која ќе ја враќате ќе вреди помалку отколку во услови без инфлација. Во овој случај, оној кој го дава кредитот, односно позајмува, е во полоша позиција отколку оној кој го бара кредитот, односно се задолжува. Задолжениот плаќа иста сума на пари но со помала вредност.
- Ја намалува невработеноста. Инфлацијата и невработеноста се обратнопропорционални. Ова го покажува токму Филипсовата крива, на која јасно се гледа дека со растот на инфлацијата, невработеноста се намалува и обратно. Со раст на инфлацијата пак, потрошувачката и побарувачката за производи се зголемуваат, и компаниите се приморани да го зголемат производството и да вработат повеќе работници. Со тоа се зголемуваат платите на вработените, се намалува вработеноста поради зголемената побарувачка за вработени, а повисоките плати значат и поголема потрошувачка со што повторно се зголемува инфлацијата, а невработеноста опаѓа.
- Го зголемува растот на економијата. Инфлацијата го зголемува растот на економијата но само привремено. Имено, самата инфлација ги тера компаниите и домаќинствата да го зголемат своето трошење бидејќи вредноста на нивната валута постепено опаѓа. Поголемо трошење и потрошувачка го зголемува растот на економијата но само на краток рок. На долг рок, тоа зголемено трошење доведува до сé поголема инфлација и непрекинат круг, кој ако навремено не се прекине може да доведе до појава на хиперинфлација во економијата. На долг рок, инфлацијата расте со позабрзано темпо отколку економскиот раст, но со опаѓачко темпо, а потоа веќе започнува да опаѓа. Затоа инфлација која изнесува околу, но не повеќе од, 2% е идеално ниво на инфлација за стабилен економски раст.
Понатамошниот развој на информатичката технологија, развој на вештачка интелигенција и роботика, како и инвестиции насочени кон подобрување на продуктивноста на трудот се очекува да создадат надолни притисоци врз инфлацијата на долг рок.