Skip to content

Разлика помеѓу штедење и заштеда (Кој е најдобриот начин на штедење)

штедење, заштеда, депозит

Понекогаш добивам прашања од типот „Каде да штедам?“. Одговорот за мене лично е доста едноставен, но за да стигнеме до него првин да објасниме што е заштеда и штедење.

Просто кажано, штедењето е активност која подразбира чување или одложување на материјални добра и пари, додека пак заштедата е појава која е постојано присутна и подразбира одложување на потрошувачката и нетрошење на приходите. 

Оваа разлика е честопати погрешно разбрана, па се случува дури и професионални економисти и инвестициски професионалци да го именуваат „штедењето“ како „заштеда“.

Штедењето нуди повеќе можности за намалување на трошоците и остварување на заработка, чија висина зависи од преземениот ризик. Методите на штедење вклучуваат оставање пари настрана, на депозитна или пензиска сметка, во инвестициски фонд или како готовина (ликвидни средства).  

Заштедата, пак, подразбира нетрошење на својот имот и таа не носи камата.

Личните финансии и заштеда

Штедењето во форма на депозит што плаќа камата обично се користи за да се чуваат пари за идни потреби, односно фонд за итни случаи. Овие средства може да се користи за да се направи капитална набавка (автомобил, куќа, опрема и апарати, итн.) 

Во рамките на личните финансии, парите што се користат за купување акции, се ставаат во инвестициски фонд или се користат за купување на какви било средство, доколку има елемент на ризик од капитал, се сметаат за инвестиција. 

Главната разлика меѓу инвестицијата и заштедата е инвестицискиот ризик кој може да предизвика загуба на капитал кога ќе се реализира инвестиција. Овој инвестициски ризик се пресликува и во повратот на инвестицијата која најчесто е поголема од каматната стапка.

Штедна сметка

Штедната сметка е депозитна сметка којашто може да се отвори во банките и штедилниците во Македонија. На штедните сметки се добива камата за вложените депозити. 

Вообичаено, тие се врзани за одреден временски рок и можат да бидат краткорочни или долгорочни. Минималниот депозит за штедна сметка, рочноста, како и висината на каматната стапка зависат од самата банка, односно се разликуваат од банка до банка, како и кај штедилниците.

Плаќањата многу почесто се вршат преку трансакциски отколку преку штедни сметки. 

Се смета дека штедните сметките имаат минимален ризик, иако истиот постои (депозитите во Р.С. Македонија се ограничени до 30.000 Евра).

Камата од штедење

Некои облици на штедење како што се депозитите, носат камата. А со текот на времето, каматата ја зголемува вредноста на штедењето. Каматната стапка најчесто зависи од општото ниво на каматни стапки на хартии од вредности и пазарот на капитал.

Големината на штедењето зависи од неколку фактори.

  • Заштеда низ времето 

Ако штедењето е распоредено низ определен временски период, колку подолго штедите, толку заштедата е поголема

  • Висина на каматната стапка 

Ако каматната стапка е повисока, тогаш штедењето е поисплатливо .

  • Апсолутен износ на доходот 

Според една теорија, луѓето со повисок доход штедат поголем процент од доходот во споредба со луѓето со понизок доход.

Постепеното штедење

Постепеното штедење ви овоможува да заштедите средства на долг рок, и тоа преку редовни месечни уплати. 

Можете:

  • секој месец да депонирате средства на вашата штедна сметка, во банка или во штедилница или во инвестициски фонд
  • преку електронско банкарство секој месец да префрлате пари од вашата трансакциска сметка на вашата штедна сметка или сметката на инвестицискиот фонд

Кога бирате долгорочно штедење, треба да се определите за два важни аспекти: колку, и како.

Колку да штедите?

Определете месечен процент од своите примања кои сакате да ги заштедите. Многу извори препорачуваат да заштедувате 20% од вашиот приход секој месец. 

Според популарното правило 50/30/20, треба да резервирате 50% од вашиот буџет за најважни работи како кирија и храна, 30% за дискретно трошење и најмалку 20% за заштеда.

Како да штедите?

За да штедите, најдобро е да стекнете навика за штедење. А добрата навика тешко се стекнува. 

Затоа наједноставно е да направите траен налог, со кој определна сума автоматски ќе се префрла на вашата штедна сметка или фонд, и тоа секој месец на точно одреден датум. Средствата што не ги гледате на сметка нема да ги планирате за трошење и воопшто нема да сте свесни дека штедите.  

Заклучок

Да се навратиме на главното прашање: „Каде да штедам“. Ако ги земеме сите околности, најдобро штедење е во отворени инвестициски фондови. А зошто? 
Затоа што инвестициските фондови се единствено место каде имате висока ликвидност (може да ги имате вашите средства на вашата сметка во рок од еден ден) и понизок ризик поради диверзификацијата на инвестицијата на фондовите (не инвестирате во една или неколку акции).

Добивај корисни информации, анализи и препораки директно во инбокс.